| четврток, 6 декември 2018 |

Им фрлиле бел прав во воздухот: Повредени над 70 учесници на митинг на албанската опозиција

mitin

Повеќе од 70 учесници на минтинг на Демократската партија на Албанија побарале лекарска помош поради иритација на очите и кожата, откако непознат прав бил фрлен во воздух. Митингот беше одржан вчера во Тирана, на официјалниот почеток на предизборната кампања, јави Анадолија.

Министерството за здравство на Албанија соопшти дека денеска десетици лица се пријавиле во болничкиот центар „Мајка Тереза“ со симптоми на труење, како што е иритација на очи, печење на очите, иритација на кожата на изложените делови (лицето и вратот), а во неколку случаи и полесни проблеми со дишењето.

Министерството наведува дека 76 лица се јавиле во болниците во Тирана со овие симптоми, од кои девет лица се задржани заради опсервација од специјалисти. Никој не е во животно­ загрозувачка ситуација. „Сите овие пациенти синоќа учествувале на митинг на Демократската партија“, се наведува во соопштението од Министерството.

Меѓу лицата кои побарале лекарска помош е и лидерот на Демократската партија на Албанија Љуљзим Баша. Погодените лица, за албанските медиуми изјавија дека им се заматил видот откако “бел прав“ бил фрлен во воздухот, објави „Тирана тајмс“. Се огласи и шефот на државата Бујар Нишани, кој порача дека со загриженост ја следи здравствената состојба на затруените. и воедно на сите им посака брзо опоравување.

Албанската агенција АТА наведува дека Нишани е во близок контакт со службите за спроведување на законот со цел да го информираат за развојот на ситуацијата, а полицијата спроведува истрага за да се утврди за каков прав станува збор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top