| четврток, 6 декември 2018 |

Ги ослободил Србија и Бугарија, но не успеал да ја ослободи Македонија

dedo iljo malesevskiДедо Иљо Малешевски, „последниот македонски ајдутин“, револуционер, ајдутски и востанички војвода. Дејствувал, главно, во Малешевијата. Учествувал во секоја војна против Османлиската Империја. Со македонски доброволци се борел за ослободување на Србија, а во Руско-турската војна за ослободувањето на Бугарија. По ослободувањето на Ќустендил во почетокот на 1878 година учествувал во востаничкиот продор во Пијанец. Со своја чета од 200 до 300 востаници учествувал и во Кресненското востание во 1878 година.

Иљо Марков Поп-Горгиев – Малешевски е роден на 28 мај 1805 година во Берово. До дваесеттата година живеел во своето родно место, а по кавгата со турскиот старешина, кој ѝ фрлил мерак на неговата сестра, Иљо Марков заминал кај роднина калуѓер во Рилскиот манастир. Во периодот од 1830 до 1838 година работел како чувар и се сретнувал и со ајдуците кои барале засолниште во манастирот.

Откако  се оженил во 1838 година, Иљо Марков се вратил во Берово. Не можејќи да го трпи турскиот зулум во 1850 година, се скарал со беровскиот бајрактар Мехмед, кој потоа за одмазда пукал од заседа и го ранил неговиот брат. По тој настан, Иљо Марков ја зел правдата во свои раце и го убил Турчинот,  а потоа избегал во планина. Таму собрал мала дружина со која крстосува неколку години низ Малешевијата, Пијанец и Осогово, штитејќи го македонското население.

Дедо Иљо бил во Сан Стефано кога во март 1878 година бил потпишан Санстефанскиот мировен договор меѓу Руското Царство и Отоманската Империја. Само неколку месеци подоцна, по Берлинскиот договор, многубројни турски војски повторно се враќаат во Македонија. Берово останува под турска власт, а Дедо Иљо со семејството останува да живее во Ќустендил. За неговите заслуги Народното собрание му одобрува пензија од 220 лева месечно.

Дедо Иљо не престанал да се интересира и да работи за слободата на македонскиот народ. Со својата чета учествувал и во Кресненското востание во 1878/79 година, на десната страна на реката Струма. Во 90-тите години на минатиот век, кога почнува активно дејствување на МРО во Македонија и Одринско, Иљо им помагал на револуционерите кои поминувале низ Ќустендил.

Дедо Иљо станал легенда уште додека бил жив. Одликуван е со повеќе ордени од страна на српската, руската и на бугарската власт. Умира во Ќустендил во 1898 година. Погребан бил со највисоки почести во присуство на многубројни пријатели и приврзаници. Целиот град излегол да се прости со последниот прочуен ајдутски војвода.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top