Во некои градови на поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија и денес, 37 години по смртта на Јосип Броз Тито, се одбележува Денот на младоста, кој во поранешната држава се празнуваше како роденден на доживотниот претседател.
Иако официјално е роден на 4 мај, 25 мај беше одбележуван како роденден на Тито. На тој ден пионерите, младинците, студентите и припадниците на сите родови на војската на СФРЈ учествуваа на традиционалните слетови, кои се одржуваа на тогашниот стадион на ЈНА.
По правило, некаде од публиката или од центарот на манифестацијата ќе излезеа познати спортисти и истакнати младинци, кои трчајќи низ стадионот ќе се качеа до свечените трибини на кои беа Тито, неговата сопруга и неговите најблиски соработници, цврсто носејќи ја во рацете Штафетата на младоста.
Штафетата секоја година беше различно дизајнирана, а во неа се наоѓаа пораки од младината на СФРЈ од сите тогашни републики до претседателот.
Тито со краток говор ја преземаше Штафетата истакнувајќи дека носена во рацете на младинците таа преминала илјадници километри од Триглав до Гевгелија.
25 Мај беше неработен ден и национален празник на поранешна Југославија.
Денот на младоста се совпаѓаше и со германскиот десант на Дрвар на 25 мај 1944 година, кога Тито успеал да се спаси за време на десантот на германските падобрански сили.
На чело на Југославија Тито беше цели 35 години и имаше исклучителен углед во тогашниот свет. Особено големо значење во меѓународните односи имаше неговата улога како еден од основачите на Движењето на неврзаните, што во тогашните меѓународни околности имаше голема тежина.
Во домашната политика го остави уредувањето што на крај се покажа како неодржливо – Уставот од 1974 година. Специфичниот систем на консензус меѓу претставниците на републиките и покраините со текот на времето се покажа како нерешлив проблем.
За неговата историска улога сведочи и неверојатно масовното присуство на најистакнатите личности во тогашниот свет на неговиот погреб на 8 мај 1980 година во Белград, на кој присуствуваа повеќе од 200 високи личности од дури 127 земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.