Хрватскиот писател Миљенко Јерговиќ ќе биде петтиот добитник на наградата за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот – „Прозарт“, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“. Наградата на еден од најзначајните писатели во регионот ќе му биде врачена на 30 мај во Даут-пашиниот амам, на затворањето на фестивалот.
Миљенко Јерговиќ, кој беше гостин на првото издание на „Про-за Балкан“, е роден во 1966 година во Сараево, а денес живее во Загреб. Автор е на повеќе од 30 романи, збирки раскази и поетски изданија. Добитник е на голем број национални и меѓународни книжевни награди, како наградата за мир „Ерих Марија Ремарк“ (1995), италијанската Premio Grinzane Cavour (2003), Ангелската книжевна награда за најдобар роман во Средна Европа (Полска, 2012) и наградата „Његош“ (2015). Тој е еден од најчитаните автори во регионот.
– Драго ни е што еден од најбескомпромисните писатели и колумнисти, луцидниот критичар на секојдневието и политиката и, најверојатно, најчитаниот автор од екс Југославија од неговата генерација, Миљенко Јерговиќ, прифати да ја прими наградата „Прозарт“ во Скопје. После лауреати како Владислав Бајац, Даша Дрндиќ, Вида Огњеновиќ и Георги Господинов, Јерговиќ ќе го зацврсти реномето на наградата „Прозарт“ меѓу литературните кругови во Европа и пошироко – изјави директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски.
Освен Јерговиќ, драги гости на годинешното издание на фестивалот, кој ќе биде отворен на 28 мај (недела од 19.30 часот, во Даут-пашиниот амам), ќе бидат и авторите: Наташа Крамбергер од Словенија, Мурат Ѓулсој од Турција, Владимир Пиштало од Србија, Антон Баев од Бугарија, како и македонскиот писател Влада Урошевиќ. Специјален гостин на фестивалот ќе биде исландскиот писател Браги Олафсон. За делата на гостите ќе зборуваат: Александар Прокопиев, уметнички директор на фестивалот, Ермис Лафазановски, претседател на Одборот за доделување на „Прозарт“, и Владимир Јанковски, модератор.
Наташа Крамбергер (Марибор, 1983) е писател, новинар. Таа е првиот словенечки автор, добитник на Наградата за литература на Европската Унија за романот „Небо во капини“ во 2010 година; нејзините дела се преведени на голем број јазици и објавени во целиот свет.
Делата на Мурат Ѓулсој ги истражуваат метафикционалните потенцијали на самосвеста со заплетите на „страниците кои се вртат“. Тој создава интерактивни хипертекстови за новите начини на нарација кај интернет-истражувањата. Ѓулсој досега има објавено 11 книги во Турција. Добитник е на најпрестижните државни книжевни награди.
Владимир Пиштало работи како вонреден професор по либерални уметности на колеџот „Бекер“ во Масачусетс, каде што предава историја на САД и светска историја. Неговата книга „Тесла, портрет со маски” е објавена во 2015 година, во издание на „Грејволф прес“ и веќе е објавена на десетина јазици.
Антон Баев (1963) е автор на голем број книги од различни жанрови. Во 2016 година бил еден од основачите на пловдивската фондација ЛИК (Фондација за литература, уметност и култура), која е фокусирана на презентација на дела на најистакнатите современи бугарски автори на повеќе јазици. Тој е автор на романот „Американци“ (1997), кој имаше две изданија; и на книгата со филозофски фрагменти „Ноева арка“ (1999).
Влада Урошевиќ е поет, прозаист, есеист, антологичар, преведувач, член на Македонската академија на науките и уметностите, Српската академија на науките и уметностите, Европската поетска академија (Луксембург), „Академијата Маларме“ во Париз, Европската академија на науките и уметностите (Салцбург), Словенската академија за поезија и уметност (Варна) и на Македонскиот ПЕН-центар.
Во рамките на фестивалот и годинава ќе се одржи програмата „Скопје фелоушип“ во која наши гости ќе бидат тројца врвни издавачи – Емануел Колас од Франција, Ненад Шапоња од Србија и Тамер Саид од Дубаи. Тие ќе се сретнат со писатели од Македонија и со членови на Македонската асоцијација на издавачи.
Фестивалот го организира издавачот „Икона“, а продуцент е Никола Мадешовски. И годинава фестивалот ја доби истата финансиска поддршка како и лани од Министерството за култура, поддржан е и од Делегацијата на Европската Унија во Скопје и од Град Скопје. Од оваа година фестивалот доби поддршка и од мрежата ТРАДУКИ.
Фестивалот го поддржуваат амбасадите на Словенија, Хрватска, Србија и на Исланд, Културниот центар „Јунус Емре“, Словенечката агенција за книга ЈАК, „Бест вестерн“, „Бовин“, „Куќа“ Национална галерија на Македонија и други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.