| четврток, 6 декември 2018 |

Дневник: Kој од тие што „јадат живи луѓе“ ќе добие ролја директор на МНТ?

Kој нормален човек со доблест и углед од областа на театарот може да прифати да биде директор на Македонскиот народен театар ако се знае дека партијата на мандатарот Зоран Заев не го признава дури ни објектот како градба? Kој кадар од тие што „јадат живи луѓе“ ќе седне во директорската фотелја на најзначајната театарска институција во државата, ако се знае дека партијата што ќе го назначи на тоа место јавно бараше никој да не влегува во зградата на МНТ? - запрашува Блаже Миневски во денешното издание на Дневник

Kонсументи на „живи луѓе“

Познатата партиска активистка, бивша пратеничка и актерка Софија Kуновска, своевремено остро ги критикуваше своите сопартијци кои славеа во новиот театар некаква годишнина на „Дајнерс“:

– Би сакала да верувам дека мојата партија и понатаму ќе опстојува на досегашниот наш курс по ова прашање. Би сакала да верувам дека начинот како некои мои сопартијци го „верификуваа“ новиот стар театар е само нивна неспретност. Би сакала да верувам и дека сопартијците ќе го почитуваат моето мислење, па и ако не се согласуваат со него – забележа тогаш Kуновска.

Дали тоа значи дека никој од СДС не смее да биде директор на МНТ или МНТ ќе се укине како институција? Сепак, ако се прашува Шекеринска, едно е она што се зборува, а друго е она што се прави. Потпретседателката на СДС веќе има влезено во МНТ како и нејзиниот лидер со својата сопруга, а влегувањето во „омразениот објект“ за неа во таа прилика беше сосема нормална работа.

Па, што правиме сега браќа консументи на „живи луѓе“? Ќе се влегува ли во МНТ? Ќе се најде ли некој да влезе „во клучниот објект“ на вмровската културна ренесанса или ќе се стави клуч на објектот додека елитните терминатори Фрчкоски и Грчев не соберат доволно булдожери, багери и француски клучеви за практична настава?

Во полемиките дали ќе се признаат градбите изградени во времето на владеењето на ВМРО или повторно ќе се вратиме на Kензо Танге, објектот на таканаречениот стар нов театар беше изложен на посебен удар, а во нападот беа вклучени речиси сите од врвот на СДС, па и оној што купи два стана на кредит со плата заработена како пратеник во бојкотирачка состојба:

Овој објект првично беше најавен дека ќе чини шест милиони евра. Но, неговата вредност, односно потрошените народни пари, како и за други објекти од овој проект на власта, неколкукратно пораснаа. Заедно со сите анекси, договори за предвидени и непредвидени работи, објектот „Стар театар“ до денес ги чини граѓаните неверојатни 39 милиони евра. Замислете, дури шест и пол пати повеќе од првично планираната, односно најавена вредност. Според податоците достапни од Бирото за јавни набавки, за овој објект, освен основниот договор склучени се дополнителни 40 договори или анекс на договор во вредност од над 33 милиони евра. Ако се погледне за што се склучени овие 40 договори и анекси, испаѓа дека власта сакала да прави театар, ама не предвидела во тој театар да има мебел, ентериерна опрема, осветлување (број на оглас 22/2010) завеси за сценскиот простор, градежно-занаетчиски работи, хидротехнички работи….- рече Петре Шилегов, човекот што веројатно никогаш не влегол во МНТ и не знае што има внатре, односно за што служи зградата пред која се слика како трезвен и трезен портпарол на СДС.

По она што може да се види од средствата за информирање што го следеле атакот на СДС врз МНТ, Министерството за култура веднаш реагирало со констатација дека портпаролот Шилегов на прес-конференцијата кажал „груби лаги и невистини пред новиот објект на Македонскиот народен театар, во врска со изјавите за склучување договори и анекс на договори во четири очи за изградбата на театарот“, најавувајќи кривична пријава против него.

Очигледно е дека вие и вашата партија не знаете што значи да се изгради ваков репрезентативен објект затоа што, само за потсетување, ја имавте истата можност, но не го направивте тоа. Очигледно е дека ви останува само сето тоа што оваа Влада и Министерството за култура го изградија и го направија за уметниците да го девалвирате користејќи го за дневнополитички цели и партиски интереси. Денешната прес-конференција е само уште еден неуспешен обид, манипулирајќи со јавноста, да ја скриете својата фрустрираност, неспособност и немоќ – се вели во тогашната писмена реакција од Министерството за култура.

Македонскиот народен театар е изграден врз темелите на стариот театар, кој се урна во земјотресот во 1963 година. Театарот има површина од 7.200 квадратни метри, со голема сала со партер и две галерии со вкупно 724 седишта, како и мала сала со 213 седишта. Објектот е дел од проектот „Скопје 2014“ и почна да се гради на почетокот на 2007 година според идејното решение на архитектот Јован Стефановски-Жан. Главен изведувач на стариот театар е градежната компанија „Бетон“ од Штип.

Барокните коцки ќе се селат во Струмица?

Во врска со театарот, новинарот Марјан Николовски уште во октомври 2014 година напиша дека МНТ е објект на народот:

Не е на Груевски, ниту е на ВМРО-ДПМНЕ. Во тој нов објект на МНТ, утре ако СДСМ дојде на власт, ќе треба да именува директор. Исто така во зградата на Музејот на револуционерната борба. Ако утре СДСМ победи на избори, ќе треба да назначи свој министер за надворешни работи. Тој ќе треба да влезе во новата зграда покрај Вардар. Во кабинетот на тој министер, на тие директори, ќе треба да се организираат состаноци. Да доаѓаат функционери, тоа ќе бидат луѓе на партијата, на СДСМ, ако победат на избори… Едноставно, треба да се раководат тие институции. Што тогаш? Заев, ако некогаш стане премиер, нема да влезе во барокните коцки на новата влада? Ќе ја премести во Струмица? Ќе ја реновира? Ќе руши с` што изгради оваа власт? Или ќе гради нови, по логиката на Фрчковски? Ќе свика прес-конференција, па пред да влезе во објектите ќе се извинува што, ете, мора да влезе – запраша тогаш Николовски.

Да, продолжува тој, извинување е потребно, но не затоа што ќе се влезе или ќе се отиде на претстава во овој театар.

Извинување е потребно поради промашената политичка идеологија, која упорно и упорно се форсира. Затоа што на сите им е јасно како ќе заврши целата оваа приказна со проектот „Скопје 2014“ ако некогаш дојде СДСМ на власт. Исто како што Црвенковски во 2002 година на Плаошник го прими бугарскиот цар Симеон. Првиот странски политичар, на првата официјална посета, го однесе на Плаошник. Со гордост го прими во објектот по кој само три месеци претходно, СДСМ фрлаше и со дрвја и со камења по него. Од Плаошник, Црвенковски и Симеон пешки се симнаа до Античкиот театар, исто така до тогаш со омраза оспоруван проект на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Е да, веќе од следната година, Црвенковски воспостави и традиција. Доделувањето на инженерскиот прстен, награда за архитектура, да се одвива во „омразениот“ за СДСМ Плаошник – напиша тогаш Николовски.

Во секој случај, Владата на СДС, ако воопшто стане власт, ќе има голем проблем со самата себе, како што мистер Џекил има проблем со мистер Хајд, затоа што ќе мора да живее во своевидна „психолошка проекција“ во главата на оние што „ќе јадат живи луѓе“ како реформско решение на кризата што сами ја создадоа.

Булдожерите на Мирослав Грчев

Пред извесно време Мирослав Грчев, чуварот на скопската канализација, меѓу другото напиша:

Ако ги запалиме бараките на Град Скопје и зградата на Владата, симболично одговорните топоси за ова злосторничко уништување на нашите животи, интегритет и достоинство, и ги „обработиме“ со градежна механизација, со булдожери и багери, Спомениците на Злото од „Скопје 2014“, е тогаш бидете сигурни дека тие скотови ќе ја сфатат пораката.

Претходно, во април 2013 година, „експертот за рушење“ го напиша и ова:

– Рушењето на „Скопје 2014“ ќе биде најисплатливата инвестиција во поновата историја.

Францускиот клуч Данилов-Фрчкоски

Во септември 2012 година, Љубомир Фрчкоски напиша дека операцијата „Француски клуч“ мора да расчисти со „Скопје 2014“, проект кој, според него, не може да бидат третирани никако поинаку – освен како суровина за вистинска уметност.

– Операцијата ќе ја изведуваат полетна уметничка младина и ентузијазирани граѓани… со француски клучеви в рака, а со нив оди една група со шмиргл-шајбна и апарат за заварување. Ослободувачкиот процес, хепенингот, ќе почнува со анархичната самонаредба во форма на радосен восклик: Растртуј тоа спомениците! Уметничкиот холокауст „Скопје 2014“ почнува да се деконструира со радост за тоа достојна; имено, најпрвин со собирање на грозоморните скулптури од новата зграда на МНР и Мостот на уметностите, сосе четирите од Триумфекалната капија. Од нив осумдесетина, на три мета-локации на влезовите во Скопје, ќе се направат три пирамиди на уметничко ѓубре, низ кои ќе се инсталираат телевизори што емитираат Low-Fi ТВ-сигнал, со т.н. снег и пречки… За Триумфекалната капија, како посебен проблем, ќе биде замолен (преку директна спогодба), концептуалниот и ленд–арт уметник Христо Јавашев – да ја обмота со целофан (како што стори со германскиот Рајхстаг). Фамилијата скулптури Филипови или Александрови оди туто-комплето во Градскиот парк, каде што се инсталира како лунапарк. Околу нив тобогани, клацкалки и електрични аута на општа радост на децата. Мошне важно, драги мои, ќе биде редизајнирањето на Музејот на македонската борба, со оддел во подрумските простории, во кој ќе биде поставката на восочни фигури под наслов: Македонските фашисти… И така натаму и слично на тоа: Револуцијата, како што знаете, драги мои, тече! – напиша Фрчкоски.

Што изгради ВМРО-ДПМНЕ и што ќе руши СДС?

Во приоритетниот список за рушење доставен до легионерите на Грчев и Фрчкоски секако е „стариот театар“ во Скопје, односно МНТ, светски објект со кој можеме да се гордееме, сигурни во фактот дека театарската уметност во нашата држава се создава и се гледа во истите услови како и во големите европски и светски културни центри. Новиот театар содржи најсовремена аудиовизуелна опрема, која овозможува големи технички перформанси.

Otvaranje na Star nov dramski teatar (19)

По повеќе од 30 години, Археолошкиот музеј беше промовиран и отворен за домашната и за светската јавност во октомври 2014 година, со што Република Македонија доби најсовремен музејски простор за соодветно чување и презентација на богатото движно културно наследство, потврда на милениумскиот цивилизациски континуитет на нашите простори. И тој ќе се руши со француски клучеви и други помошни средства, исто како и Музејот на револуционерната борба?

Посебна деташирана група уривачи ќе треба да работат на уривање на театарот во Велес. Велешката публика, пак, ќе биде вратена да гледа претстави во коњушницата од Kралска Југославија. Во списокот со рушителите треба да се додаде и целосно реновираната Kуќа на Уранија во Охрид, која претставува карактеристичен пример на зачувување на охридската староградска архитектура. Објектот е ставен во функција и предаден на Македонската академија на науките и уметностите.

Kој ќе ја руши новата, импозантна зграда на Македонската филхармонија? Рушителите треба во списокот да ги стават и новиот објект на Националната установа Турски театар во Скопје, како и целосно реконструираниот и саниран објект на Албанскиот театар, кој во иднина ќе поседува две театарски сали со високи сценски технологии и современа аудиовизуелна опрема.

Рушителите треба да го имаат на ум и обновувањето на „стариот театар“ во Струмица, кој до темел изгоре во пожар. Театарот ќе располага со најсовремена опрема и извонредни сценски и аудиовизуелни ресурси, со кои ќе се овозможи соодветно презентирање на театарската уметност и ќе се збогати културната понуда.

Сепак, ако случајно решат да плукнат на сè што кажаа, односно влезат во објектите што ги градеше ВМРО-ДПМНЕ како ништо да не било, како ништо да не кажале, ќе биде интересно да се види кои персони ќе седнат на раководните позиции во објектите од кои се гадат, не можат да ги гледаат, т.е. не можат дури ни да ги смислат?

Ќе биде интересно да се слушне нивното објаснување за промена на ставот или пак за невозможната мисија да одат на судење по кривичните пријави што за односните објекти ги има поднесено партијата што ги ставила на таа позиција.

Замислете извесен актер со писателски амбиции да биде директор на МНТ и да се појавува на суд за да го брани театарот од своите што не го признаваат театарот за театар! Или раководител на порта „Македонија“ да стане оној битанга со мустаќи кој фрлаше балони со боја врз релјефот со Григор Прличев? Тој ли ќе ги потпишува налозите со кои треба да се плати чистењето на објектот?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top