| четврток, 6 декември 2018 |

Карпош Соколи го совлада МЗТ Скопје и се избори за мајсторка во борбата за титулата

Шампионската титула во Македонија ќе се одлучува во петти натпревар, откако Карпош соколи во четвртиот меч славеше со 86-78 за израмнување против МЗТ Скопје на 2-2 во победи, во финалната серија.

karpos sokoli 1

Првите поени на натпреварот ги постигна центарот на МЗТ, Јуре Лалиќ, а по тројката на Пенов за Соколи, домаќинот промаши пет напади по ред, па гостинот направи минимална предност која ја одржуваше во текот на првата четвртина. МЗТ со перфектни 4/4 за три поени имаа предност се до последната минута од четвртината, а Лабовиќ со две слободни фрлања го затвори првтиот период со минимални +1 за Карпош (26-25).

Во вторите десет минути од пресметката се случи дебакл на МЗТ. Соколите го најдоа својот ритам и цели четири минути не примија кош, па така направија серија од 15-0, а во серијата се случи и најголемата предност за Карпош од 17+, пред се’ благодарение на двете тројки на Пери и двете на Зековиќ. Синовец со шут од дистанца го прекина четириминутниот пост на Аеродромци, до крајот на полувремето постигнаа сиромашни 14 поени, а Карпош ја освои четвртината со огромни 30-14, а резултатот по паузата беше 56-39.

karpos sokoli

На избраниците на Назор добро им дојде паузата од 15 минути, бидејќи како препородени го отворија второто полувреме и експресно се вратија во мечот. Во режија на Клоф, Темс и Лалиќ, МЗТ со серија од 16-3 по првите пет минути во третиот период, предноста на Соколи ја намалија на само четири поени разлика, па клубот од Аеродром ги врати надежите за да извлечат нешто повеќе од натпреварот. Домаќинот по шутерското шоу во првото полувреме, ја расипаа статистиката за три поени, промашија дури девет од вкупните десет шута од дистанца во третиот период, а во последните десет минути влегоа со резултат од 65-61 во нивна корист.

Неизвесна завршница се очекуваше, бидејќи победа за МЗТ значеше шестта титула, додека Карпош со триумф во салата „Борис Трајковски“, ќе избори мајсторка. На пет минути до крајот МЗТ дојде на само еден кош негатива при резултат 70-68. Нервозата присустуваше на двете страни, за да сепак домашните на три минути пред крајот дојдат до шест поени предност (78-72).

Низ драматичен финиш, по поените на Лалиќ и Мијатовиќ, кошаркарите на МЗТ Скопје повторно дојдоа до негатива од еден кош на 90 секунди пред крајот (78-76). Но, како намалија така дозволија шест едноподруго поени на Соколите за приведување кон конечен триумф од 86-78.

karpos sokoli 2

За домашната екипа најефикасен беше Пери со 24 поени, Лабовиќ и Мавра постигнаа по 11 поени, додека Трајковски и Соколов завршија со по 10 поени. За тимот на МЗТ дури пет играчи имаа двоцифрен број на поени, најефикасни беа Синовец и Мијатовиќ со по 17 поени, Темс – 15 поени, Клоф со 14 поени, а Лалиќ го заврши мечот со 10 постигнати поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top