Со изградбата на новиот клинички центар ќе бидат поставени нови стандарди за квалитет на здравствените услуги во Македонија, изјави Никола Тодоров, вицепремиер и министер за здравство на потпишувањето на договорот за изградба на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Тодоров и претставници на компаниите „Гранит“, „Бетон“ и италијанската „ИНСО системи“ денеска го потпишаа договорот за изградба на нов клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Вредноста на договорот изнесува околу 72 милиони евра, а предвидува градежните работи да завршат во рок од 45 месеци од почетокот на градбата.
– Некои луѓе сакаат нешто да се случи, други посакуваат тоа да се случеше, но вистинските прават тоа навистина да се случи. На овој проект јас и мојот тим работевме напорно и посветено. За цело време ја имавме целата поддршка од Владата и од премиерот, но овој проект не е само наш проект, ова е национален проект. Проект на државата Република Македонија. Здравјето не препознава политичка, етничка или каква било припадност и затоа најважно е овој проект целосно и навремено да се реализира со цел што е можно побргу придобивките од новиот клинички центар да ги имаат граѓаните и државата – порача Тодоров.
Новиот клинички центар ќе овозможи врвен третман на пациент и негово олеснето движење и удобност во рамки на објектите. Задоволени се највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност на зградите, објектите ќе бидат интегрирани и од аспект на современо автоматизирано и централизирано управување преку билдинг менаџмент систем, ќе се применува пневматски транспорт на биолошки материјал што досега воопшто го немаше во јавното здравство и бројни други најсовремени технологии при изградба на објекти од ваков тип.
-Вредноста на договорот изнесува околу 72 милиони евра. Договорот предвидува градежните работи да завршат во рок од 45 месеци по почетокот на градбата. Постојниот клинички центар „Мајка Тереза“ е најголемиот здравствен комплекс во Република Македонија на површина од 17 хектари, кој се состои од 32 независни субјекти со вкупен персонал од 3.400 лица – истакна Тодоров.
Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе зафаќа простор од 46.987 квадратни метри, а ќе има и хелидром.
-Имајќи го предвид стратегиското значење на клиничниот центар за државата решивме да изградиме комплетно нова зграда со нето-површина од 46.987 метри квадратни корисен простор и 6.416 метри квадратни проодни тераси и кровни градини и 531 метар квадратен хелидром. Објектот ќе се состои од едно подземно ниво, приземје, 9 ката и современ хелидром за трансфер на пациенти на десеттото ниво – потенцира Тодоров.
Вели дека за значењето на овој комплекс говори и фактот дека годишно минуваат повеќе од 800.000 пациенти.
Тој посочи дека на проектирањето на новите објекти и инфраструктура на клиничкиот центар четири години интензивно работеа тимови проекти од италијанска компанија во соработка со меѓународни консултантски тимови составени од експерти од Шпанија, Германија, Грција и други западноевропски земји со целосна поддршка на Банката при Советот на Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.