Програмата „Скопјe фелоушип“ и годинава ќе биде многу важен дел на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, што ќе се одржи од 28 до 30 мај. Тројца врвни издавачи од различни културни средини ќе бидат гости. Станува збор за Емануел Колас од Франција („Галад едисион“), Тамер Саид од Обединетите Арапски Емирати („Групација Калимат“) и Ненад Шапоња од Србија („Агора“).
Целта на програмата е да ги запознае важните имиња од светот на издаваштвото со македонската книжевна сцена, од што, се надеваме, ќе произлезат нови преводи, гостување на писатели од Македонија во странство, промоција на литературата од Македонија, вмрежување на писателите и културните работници од сферата на издаваштвото и книжевноста со колегите од Европа и светот.
Емануел Колас ја основа „Галад едисион“ во 2005 година. Издавачката куќа има портфолио од повеќе од 150 книги (12 книги годишно). Една од најважните награди што нивно издание ја добило е престижната книжевна награда Médicis étranger за романот Encore („Повторно“) на турскиот автор Хакан Ѓундај, во превод на Жан Дескат.
Од балканските автори, меѓу објавените се Пеа Галанаки од Грција, Дубравка Угрешиќ и Игор Штикс од Хрватска, Зоран Живковиќ и Владислав Бајац од Србија, Ангел Вагенштајн и Албена Димитрова од Бугарија. Од Турција, Хакан Ѓундај, Мурат Ујуркулак, Ајфер Тунч и Муратан Мунган.
-Од Македонија веќе сум ги прочитала Луан Старова, Живко Чинго, Ташко Георгиевски, Гоце Смилевски, Горан Стефановски, Александар Прокопиев, Винка Саздова и Лидија Димковска. Многу сум љубопитна за современата македонска литература и затоа посетата на Македонија, а особено на учеството на програмата „Скопје фелоушип“ би можела да биде многу корисна за мене, за да дознаам и разберам повеќе за историјата, културата и политиката, литературата и издаваштвото во Македонија – изјави Колас за македонските медиуми.
Колас е ангажирана и во тековните работи во врска со објавување на акутни, смели и брилијантни есеи на современите личности, како на пример Едуар Глисан, Ноам Чомски и Едвард Саид. Идентитетот, егзилот, миграциите, границите, припадноста: тоа се темите на каталогот на „Галад“.
Тамер Саид е дел од издавачката индустрија на Обединетите Арапски Емирати петнаесетина години. Започнал да работи во Јerboa Books, Дубаи, како издавач, пред да стане менаџер за продажба во „Китаб“, организатори на Меѓународниот саем на книгата во Абу Даби.
Во 2010 година, бил назначен за менаџер за планирање и развој на Асоцијацијата на емиратските издавачи (EPA) и на одборот за книги за млади луѓе на ОАЕ. Вршел надзор на неколку иницијативи за развој на издавачката индустрија во Емиратите и бил вклучен во менаџирањето на наградата за арапска литература за деца Etisalat.
Ненад Шапоња е сопственик и главен и одговорен уредник на издавачката куќа „Агора“. Уредувал и објавил повеќе од 300 наслови, од кои дел се добитници на најпрестижните книжевни награди во Србија.
Шапоња е и поет. За неговата прва книга поезија Gioconda (1990), ја добива наградата „Бранко Радичевиќ“. Добитник е и на наградата „Милан Богдановиќ“ и признание од издавачката куќа „Просвета“ за книга на годината за збирката есеи Bedeker sumnje (Патувачка книга на сомнежот, 1997). Неговата библиографија вклучува уште шест стихозбирки, две збирки на критики и есеи, а составил и неколку антологии. Долги години пишувал критички колумни во „Политика“.
Гостите од „Скопје фелоушип“ за време на фестивалот ќе се сретнат со членови на Македонската асоцијација на издавачи.
Наредната недела ќе биде објавено името на добитникот на наградата „Прозарт“, како и сите гости на фестивалот „Про-за Балкан“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Лејла Каламујиќ со три настапи на Про-за Балкан
-
Вечерва почнува 6. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“
-
Уредничка од легендарниот „Зуркамп“ и основачот на „Далки архив прес“ – гости на „ПРО-ЗА Балкан“
-
Добитникот на наградата „Прозарт“, Јерговиќ: Светот ќе го спасат Македонецот што го чита Кадаре и Албанецот што го чита Урошевиќ!