Вие Македонците сте чудни. И покрај вашата историја и долгата борба, вие сте многу мирен народ. Вака Златко Крамариќ, хрватскиот амбасадор во Македонија, го почна нашиот разговор. Тој е човек што одлично ја познава македонската историја, а уште подобро македонската книжевност. Слободно може да се каже дека ја познава и многу подобро од поголем дел од Македонците.
– Во 1974 година се запишав на Филозофскиот факултет во Загреб и студирав филозофија и (југо)славистика, а еден од задолжителните предмети беше македонистика. Тој предмет го држеше еден прекрасен човек и сјаен професор, Кепески и, кој во 1978 година, откако ги завршив студиите, ме убеди дека ќе бидам многу мудар и паметен човек ако решам остатокот од животот да го посветам на проучувањето на македонската литература и култура. И морам да признаам дека професорот Кепески многу брзо ме убеди, па веќе во 1979 година бев избран за асистент на македонска книжевност (и култура и историја) на Педагошкиот (подоцна Филозофски) факултет во Осиек – раскажува амбасадорот Крамариќ додека го пиевме утринското кафе во неговата канцеларија.

На полиците во канцеларијата стоеја наредени дел од книгите во кои како автор се потпишува токму тој. Дел од книгите се посветени на македонската историја. Неизбежно беше да го прашам колку книги посветил на Македонија. Вели, не го знае напамет точниот број на книгите што ги напишал за неговите, како што самиот кажува, омилени, но и опсесивни „македонски теми и дилеми“:
– Но, седум-осум книги, сигурно, сум ѝ посветил на мојата „прва љубов“ Македонија! Последните две се занимаваат со проблемите на вашиот идентитет, името, што, според моето скромно мислење, е клучниот проблем на македонското „сега“! Последната ја пишував во соработка со една прекрасна колешка, професорка на Филолошкиот факултет во Скопје, Ангелина Бановиќ – Марковска, која, за разлика од мене, е многу посталожена во однос на проблематиката со која се занимававме.
Хрватскиот дипломат во Македонија има многу македонски писатели што ги обожува и кои и по неколку пати ги чита. Ги посочува само имињата на тие што, за жал, веќе не се живи: Живко Чинго, Славко Јаневски, Зоран Ковачевски, Блаже Конески, Ацо Шопов…
– Живите ги прескокнувам затоа што секое лежерно набројување на „омилените“ во себе крие опасност некого ненамерно да го заборавите. А, тоа не би го сакал – додава тој.
Македонците се исклучително надарена нација
Следејќи ги насловите на книгите во неговата канцеларија го прашав дали некогаш посетил некој од македонските театри.
– О, да, театарот овде е мојот втор дом! Со задоволство одам на претставите и овде ќе ги премолчам своите симпатии. Вистинско задоволство е и како обичен гледач да се учествува во вашиот театарски живот, кој, што е одлично, не се сведува само на Скопје, туку е еднакво присутен и во Штип, Битола… – вели Крамариќ.
Го „мачи трајна несоница“, а, „таа страшна болест“, наједноставно, ја лекува со вечерно гледање филмови:
– Гледам Македонски филмови. Милчо Манчевски, но не само тој, туку и Митревски, Поповски… се интересни автори. Иако, како добронамерен гледач, имам многу забелешки за „Трето полувреме“ и за „Балканот не е мртов“. Освен тоа, сепак, тие филмови се интересен филмски обид да се проговори на некои историски теми (холокаустот, турските времиња) на интересен и провокативен начин. За глумците и глумиците мислам дека секој коментар е непотребен. Вие сте исклучително надарена нација и ми се чини дека уметноста е иманентно идентитетско својство на македонската нација.
Ми недостига духот на Старата чаршија
Го прашав хрватскиот амбасадор во земјава што мислите за Македонците како народ. Беше краток во својот одговор:
-Ќе ви одговорам најкратко – Јас сум Македонец – мислам дека секој коментар понатаму е непотребен! Неодамна, во едно друго интервју за Македонците, без никаква намера, зборував како par exellence меланхоличен народ… И некои не ме разбраа правилно, па сега ќе ја повторам својата нулта премиса: Јас сум Македонец.
Пред доаѓањето во Македонија Крамариќ беше амбасадор во Приштина. Вели и во Приштина и во Скопје живеат прекрасни луѓе, со отворени срца, непосредни, искрени, комуникативни, со еден збор, автентични Балканци во позитивната смисла на зборот.
– Со таа разлика што Скопје, за нијанса, во урбанистички поглед, е поуреден град, каде-каде поблизок на моите секојдневни градски навики. И да, театарскиот живот во Приштина, поради јазичната пречка, мене ми беше „terra incognita“, додека Скопје ми дозволува да си ја реализирам и таа своја важна потреба – додава тој.
Го запрашав и што мисли за Скопје порано и за Скопје денес. Вели:
– Сега Скопје е вистинска метропола, главен град на една држава во вистинска смисла на зборот. А, ако мислите дека ќе ги коментирам некои од новите архитектонски решенија во градот, ќе морам да ве разочарам… Конечно, сето тоа, и малку повеќе од тоа, го објаснив во мојата (поточно во книгата што ја напишав со А. Бановиќ – Марковска) книга: „Политика. Култура. Идентитет, интеркултурен дијалог“, Магор, 2012 година, во која недвосмислено се изјаснив за нужноста да се зачува вашата Светиклиментова традиција, без која вашиот идентитет не може да биде целосен. Не сакам да бидам носталгичен, но ми се чини дека Скопје во осумдесеттите години на минатиот век, во времето на моите први посети, беше некако „почовечно“, иако не би можел да ви објаснам што, всушност, значи тоа. Ми недостига духот на Старата чаршија, ми недостига мирисот на јадењата „Кај Јоле“ во „Друштвото на писателите“… Сепак, можеби, едноставно, сум остарел, па во меѓувреме сум го загубил чувството за „нов сензибилитет“.
По испиеното утринско кафе со амбасадорот заминавме во „Форца“, едно од местата што умее да ги посети. Додека одевме зборуваше за својот живот, за својот син, кој сега има 35 години и често доаѓа во Скопје, особено кога се одржува „Скопскиот џез-фестивал“. И неговата сопруга често престојува во земјава. Најчесто заминува во Хрватска за време на летниот период, кога сончевите денови ги користи за одмор покрај море. Крамариќ има свое мислење и за македонската музика, која одлично ја познава. Некогаш, како што самиот раскажува, ја слушал македонската музика многу повеќе и многу постудиозно:
– Музиката на еден Зафир Хаџиманов, или музиката на групата, која, меѓу првите, ги надмина македонските рамки, „Леб и сол“, на неповторливата Есма, на шармантната Маја Оџаклиевска, или алтернативата како „Мизар“, „Анастазија“… беа дел од мојата музичка младост, моето растење, мојата иницијација… Ако некого не сакајќи заборавам, нека ми биде простено. Денеска моето слушање на вашата музика, како и мојот увид во нејзините текови и актери, за жал, се сведува на незадолжително оф-слушање во канцеларија или во автомобил, како релаксирачка заднина, која ви го олеснува извршувањето на секојдневните, рутинските обврски. Додуша, таа инсуфициентност се обидувам да ја надополнам со повремено дружење со пријателот Гаро, со редовни собирања на крајот на секој месец во словачката амбасада, каде што сите нас, и дипломатскиот кор и урбаната скопска јавност, нашиот драг колега и пријател, словачкиот амбасадор, Роберт, нѐ почестува со прекрасен настап на некоја алтернативна, главно, скопска џез/рок- група…
Кога дојдов бев вљубен во земјава
Што ви беше најтешко кога дојдовте? На ова прашање хрватскиот дипломат одговара:
За разлика од повеќето мои колеги, јас во Македонија дојдов како човек што е веќе вљубен, и тоа во секој поглед, во вашата земја, другите допрва се вљубуваат, и тоа најчесто на крајот на мандатот. А, што се однесува до тешкотиите, тие беа со „слатка“ нарав – учење на новите имиња на улиците, маалата /населбите, навикнување на новиот имиџ на градот во однос на тој што го имаше во 1989 година кога последен пат вистински сум бил во Македонија (1994 година и 2000 година не ги сметам, зашто тогаш бев во Македонија на поминување, првиот пат ги следев парламентарните избори како претставник на ОБСЕ, а вториот пат како тогашен претседател на хрватските либерали ги посетив македонските либерали, но сето тоа траеше многу кратко за да можам да понесам некои попрецизни впечатоци). Другото, храната, луѓето, атмосферата, лежерноста… останаа горе-долу исти. Па, зар некои мудри луѓе многу пред мене не рекле дека на овие простори „времето сурово стои“.
Што е со „Скопскиот џез-фестивал“, на кој оди заедно со својот син? На ова прашање вели:
– Таа љубов е, пред сѐ, заслуга на мојот син Еуген, кој успеа да го прошири мојот релативно скромен музички увид и патем успешно да ме зарази со тој неодолив џез-вирус. Тоа е една од најважните причини зошто од 2009 година редовно го посетувам „Скопскиот џез-фестивал“, кој со својата долгогодишна традиција сведочи за високиот степен на музичка култура во вашата земја. Морам да кажам дека кога се одржува џез-фестивалот, мојот син доаѓа од Загреб во Скопје и заедно уживаме во тој вид музика.

„Жолтата“ е закон
Крамариќ е човек што ја сака кујната и вкусната храна. Поради тоа и нема еден или два омилени ресторана. Како дел од тие во кои често оди ги спомена „Камник“, „Воденица“, „Џино“, „Дукат“, „Ања“, „Амика“, „Стара куќа“, „Македонска куќа“, „Интермецо“, „Кај Стефче“, „Далма“, „Дојрана“, рестораните на Матка и, како што вели, цела низа од оние малите, на прв поглед релативно неугледни места, но со прекрасна храна и уште подобра услуга.
–Не би имал ништо против по ова интервју да добијам покана да посетам места во кои не сум бил досега. Секако дека се шегувам, но, како што вели народот, во секоја шега има и малку вистина. А, да не зборуваме за локалите надвор од Скопје, во кои, навистина, уживам. Иако на прв поглед не личам како гурман, 85 килограми жива мера, морам да ви кажам дека уживам во добро јадење и во прекрасното македонско црно вино, иако мојот пријател Свето Јаневски силно се труди да ме увери дека македонските бели вина се еднакво добри колку и црните. Јас ги преферирам вашите црвени, тој ваш вранец, кои се еднакво добри, ако не и подобри, од многу извикани европски црни вина… Исто така, морам да кажам дека немам ништо против „скопско“ пиво. Се работи за пиво што сосема случајно го открив во Приштина, кога бев амбасадор на Косово. И на крајот, но исто толку важно, морам да кажам дека покрај сите коњаци (исклучок е „трајковски“), вотки, ракии, во Македонија „жолтата“ е закон и само тие локали што држат „жолта“ имаат шанса да им бидам редовен гостин!
Црниот понеделник не смееше да се случи
Хрватскиот амбасадор во земјава смета дека, без сомнение, Македонија има напредок и го фаќа чекорот за приближување кон ЕУ. Но, политиката, додава тој, е вештина на возможното, и во таа игра не сме сами.
– Политичката арена, а особено таа меѓународната, зависи од многу меѓусебно спротивставени фактори и за тој банален факт верувам дека сте многу свесни зашто сите тие фактори не ви се усогласени во ваша корист. Затоа треба, пред сѐ, мудро да се однесувате во таа сложена ситуација, но СЕКОГАШ со свест дека реформските процеси не се прават за да им се допаднеме на другите, туку дека тие реформски процеси ни се битни исклучително за интересот и за напредокот на СИТЕ граѓани на Република Македонија – вели тој.
Како најголема грешка на Македонија го гледа „црниот понеделник“, 24.12.2012 година, за што вели: „Не смееше да се случи!
– Не сакам да се однесувам како некаков си арбитер и да кажувам кој е повеќе, односно помалку виновен за тие случувања, но исфрлувањето на пратениците и на новинарите од Собранието ВО НИКОЈ СЛУЧАЈ не смееше да се случи! Тоа, навистина, беше грда слика и сите искрени пријатели на Македонија тоа вистински ги растажи – констатира тој.
Иако смета дека е „малку престар“ за да ѝ се препушти на магијата на скопскиот ноќен живот, признава дека поширокиот круг на кафулиња во Дебар маало го заслужува сето негово и не само негово внимание.
– Додуша, ова го зборувам како човек кој, меѓу другото, се занимава со феноменологијата на секојдневниот ноќниот живот, а не како човек што ја пронаоѓа смислата на постоењето во тој ноќен сегмент на живеењето. За жал, одамна помина времето на егзистенцијалистичките салуни, па еднакво опаѓа и мојот интерес за тој сегмент од живеењето во Скопје. Оваа несреќна глобализација и овде го има оставено својот препознатлив траг: повеќето локали личат еден на друг до непрепознатливост. И тој недостиг од посебност, неможноста на такви, всушност, банални места да сретнете интересни луѓе, да ја почувствувате атмосферата што трајно ќе ве задоволи, во голема мера влијае на вашата одлука своето слободно време, сепак, да го поминете на некое друго, многу понеуниформирано, место.
Крамариќ ужива да патува и сака да открива, за него, помалку познати места во Македонија, како што се Берово, помалку познати манастири, Крива Паланка, Галичник, но и да се врати на тие што редовно ги посетувал во осумдесеттите: Охрид, Маврово, Битола, Дојран… Како љубител на скијањето ја обожава Попова Шапка за која вели дека е „Божја дестинација“ во која би требало да се вложи многу повеќе од тоа што е вложено сега.
По разговорот амбасадорот имаше неколку часа да се подготви за заминување во родната земја. Но, само на десетина дена. Тој е еден од тие странци во земјава, кои сакаат и по завршувањето на функцијата да поминат уште некоја година во оваа мала земја на Балканот.
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Ми недостига духот на Старата чаршија
Црниот понеделник не смееше да се случи