Во Винча никогаш не била правена атомска бомба, иако политичкиот врв на СФРЈ, на чело со Тито, во три наврати од научниците барале нуклеарната енергија да ја употребат во воени цели, пишува Вечерње новости.
Ова е заклучокот на долгогодишното истражување на д-р Драгомир Бонджиќ, доработник на српскиот Институт за современа историја. Тој е првиот историчар кој ги истражил архивските материјали за повоената нуклеарна политика на Југославија, ги споредил мемоарските записи, ги разбил митовите и сето тоа го објави во книгата „Меѓу амбициите и илузиите. Нуклеарната политика на Југославија 1945-1990″.
Бонджиќ за Новости објаснува дека сочуваните документи сведочат дека југословенскиот политички врв во три наврати побарал научниците да почнат да се бават со развој на нуклеарно оружје, но нема ниту еден доказ дека тоа некогаш се случило.
„Првиот обид бил само неколку месеци по основањето на Институтот за нуклеарни истражувања во Винча, во 1948 година. Институтот бил основан во јануари, по налог на Тито, за да се истражи можноста за нуклеарни истражувања. Во текот на летото се случил расколот со СССР и веќе пред крајот на годината Александар Ранковиќ, Милован Ѓилас и Едвард Кардељ на Институтот во Винча му испратиле барање, со објаснување дека мора да имаме оружје со кое би му се спротивставиле на Советскиот Сојуз. Со самото тоа, и Тито морал да биде запознаен со целиот проект”, вели Бонджиќ.
Во тоа време само двете светски суперсили имале нуклеарна технологија за воени цели, а Југославија, според економските и научните капацитети, била далеку од нив. Документите покажуваат дека научниците на одбивале да учествуваат во нуклеарните истражувања, но се бавеле со мирнодопски намени, а на политичарите им објаснувале дека немаат капацитети за воена примена.
„Не ги одбивале директно, бидејќи добивале огромни средства за развој и истражувања, но кажувале дека не постојат услови. Така одложувале сѐ до 1953 година. Тогаш умира Сталин и доаѓа до извесна либерализација во Југославија, па научниците јасно кажале дека науката не е во состојба да направи атомско оружје. Тоа е првата сериозна трага, документ од мај 1953 година, од кој јасно се гледа дека раководството сакало атомско оружје, но дека научната елита ја одбила таа можност”, објаснува Бонджиќ.
Вториот обид за правење атомска бомба бил на крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години. Во 1955 е фомирана Сојузната комисија за нуклеарни истражувања, со Александар Ранковиќ на чело, и таа контролирала сѐ што работеле институтите. Во тој период напредувала и науката, па политичарите повторно почнале да ја разгледуваат можноста за производсво на нуклеарно оружје.
По одредено време, политичкиот врв сфатил дека постигнатите резултати на тоа поле се незначителни, во споредба со огромните вложувања. Фундаменталните научни резултати биле добри, но тоа не ги интересирало.
Во 1971 година се укинува Сојузната комисија за нуклеарни истражувања, па огромно изненадување бил третиот обид на политичарите Југославија да добие нуклеарно оружје.
„Тоа било во 1974 година, откако Индија ја изврши првата нуклеарно проба. Тие тврдеа дека тоа е за мирнодопски цели, но нормално тоа не беше вистина, во момент кога имаше големи тензии меѓу Индија, Пакистан и Кина”, вели српскиот историчар. „Во текот на летото Тито ги собира воениот и научниот врв и директно ја кажува желбата да се совлада нуклеарната технологија во воени цели. Од преписката се гледа дека очекувал директна помош од Индија, иако никогаш не сме ја добиле. Сочуван е елаборатот на проектот „Козара”, во кој учествувале научници и високи офицери во кој се разработува можноста да се добие атомска бомба. Уште во тој елаборат, а особено од расправата на претседателството на СФРЈ, се гледаат намалените капацитети, и научни и економски. Југославија заостанала во истражувањата, бидејќи неколку години не биле унапредувани, деградиран бил и политичкиот систем, со уставот од 1974 републиките добиле поголеми овластувања, па нивните претставници барале широка јавна расправа за ова прашање во сите републики”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.