| четврток, 6 декември 2018 |

Лустраторите не се премислија за случајот на Карајанов

Komisija za lustracija

Комисијата за лустрација останува на утврденото решение дека Петар Карајанов бил соработник на тајните полициски служби и покрај неговите тврдења дека му го помешале идентитетот со некој друг човек. Лустраторите на вчерашната седница го анализирале минатонеделното обраќање на Карајанов, во кое тој реагирал на податоците содржани во еден документ, по што заклучиле дека тој може да ја бара правдата пред Управен суд.

Карајанов реагирал и изјавил дека не е вистина дека е роден во 1937 година, дека патувал во Шведска и дека таму има брат, како што било заведено во полициското досие за лице кое, исто така, се вика Петар Карајанов.

– Нашата одлука е донесена врз повеќе документи од кои се гледа дека Петар Карајанов, кој во разни периоди бил главен уредник на весникот „Млад борец“, заменик на главниот и одговорен уредник на Радио Скопје и потоа главен уредник и директор на „Комунист“, соработувал со полициски служби. Нема само еден документ што го покажува тоа – ни изјави вчера Предраг Димитровски, портпарол на Комисијата.

Тој додава дека документот за кој Карајанов наведува дека содржи податоци за некој друг човек со исто име го добиле од Архивот.

– Ако се утврди дека постои уште еден Петар Карајанов, ние ќе го лустрираме него, доколку подлегнува на законски одредби. Ако не, ќе му се извиниме – рече тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top