Членовите од здружението за одбрана на македонизмот, македонското име и постоење меѓу народите, „Македонски манифест“, испратија писмо до поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, во знак на благодарност за неговата молитва за Македонија.
„Ние од „Македонски манифест“ сме длабоко трогнати од вашата молитва, пренесена пред пресвета Дева Марија за Македонија. А сме убедени дека е трогнат исто така и целиот македонски народ на кој денес како што знаете му се врши страшен притисок да си го промени името, а сѐ за да се избрише неговата историска меморија, да се префрли неговиот културно-цивилизациски имот на некој друг, а тој со оваа геноцидна постапка засекогаш да се избрише од картата на народите. Ваша светост, длабоко сме убедени дека сѐ тоа вие совршено го знаете и како вистински Исусов следбеник и хуманист со искрено срце сте ја поднеле вашата молитва пред пресвета Богородица да ја заштити распарчената и измачена Македонија од гибелта надвисната над неа.
Знаеме дека тоа сте го сториле и од свеста за нејзината библиска, посебно новозаветна мисија, за нејзината важна улога во христијанизирањето на Европа, која, за жал, не е или не сака да биде денес свесна за тоа. Знаете, ваша светост дека не случајно, според Божјото провидение, апостол Павле, најревносниот Исусов апостол, го сретнал во визија Македонецот, кој го довел во земјата што ќе стане плодна почва за христијанството, семето на нововековната цивилизациска епоха.
Знаете и тоа дека апостолот е исклучително задоволен од Македонија и од Македонците, нарекувајќи ги во Посланието до Филипјаните „светила на светот“ што светат „среде лош и расипан род“ (Филипјаните 1:15), а во Второто послание до солуњаните дека „од почетокот преку осветувањето од Светиот Дух и преку верата во вистината“ бог ги избрал „за спасение“ (Второ послание до солуњаните 2:13). Сѐ тоа ваша светост вие добро го знаете, за разлика од оние што нѐ негираат и сакаат да ни го сменат името за да бидеме живи безидентитетски мртовци во денешна егоистична Европа на богатите и моќни нации. Затоа со целото ваше благородно срце и сте ја принеле молитвата пред пресвета Богородица за мир, благосостојба и спас на Македонија и Македонците, стои понатаму во текстот.
За ова сме ви бескрајно благодарни ваша светост. Благодарен ви е верувајте, без исклучок и целиот македонски народ. Бидете благословени. Ве поздравуваме искрено од дното на душата и ви посакуваме крепко здравје, оти таквите личности како вас му се насушно потребни на овој суров и бездушен свет“, се вели во писмото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонски манифест: Во Македонија е ризично да си Македонец!
-
Македонски манифест со официјално писмо до владата – зошто албанските партии го решаваат спорот со името?
-
Светскиот македонски конгрес и Македонскиот манифест отфрлаат договор со Бугарија на антимакедонски основи и штетен по националните и државните интереси
-
Папата Франциск за својот фудбалски талент: Ме викаа „тешка нога“ и ме ставаа да бранам