Македонија се наоѓа во вонредни услови од кои само граѓаните можат да ѝ помогнат и да ја извлечат од понорот во кој пропаѓа. Ниедна партија ниту политичка опција сега не може и не смее да бидат над опасноста за опстанокот на Република Македонија. Во Македонија веќе не владеат правото и правдата, не владее демократскиот систем, не владее гласот даден на избори. Вистината што боли е дека Македонија е заземена насила од силна групација, која системски ја уништува само со една цел – затворање на македонското „прашање“, бришење на македонскиот идентитет и посебност, а преземање на македонската држава, нејзино федерализирање и расчеречување.
Насилството и изборот на претседател на Собранието, втората функција во државата, надвор од сите рамки, беше сѐ само не самостојно политичко решение и одлука на дел од парламентарните политички партии. Поздравите за овој чин од мајсторите на кујната, истите оние што стојат и зад пржинскиот процес, потврдуваат дека тие најмалку се грижат за легалноста, односно за почитување на законите и на нормите на државата во која беше извршен превратот. Важно беше да се затвори прашањето и да се турне земјата таму каде што тие замислиле, без притоа да се има предвид несогласувањето од народот. А, замислата е јасна – креирање двонационална држава во која идентитетот на државата и на народот веќе нема да биде македонски. Сето тоа се знае каде води; за таа цел е пишувано и предупредувано повеќе од една година.
Американскиот претставник се втури во земјава со прикажување легитимитет на неизбраниот и насилно наметнат собраниски претседател, европскиот амбасадор му дојде напомош за заземање на канцеларијата и за обележување на работната маса со албанско знаме. Нема поголема симболика од овие два моменти, кои ги прикажуваат и тенденциите и замислата на креаторите на оваа политика за иднината на државата. За иднината на татковината на Македонците, но и за македонските идентитетски прашања, од сега, барем што се однесува до ЕУ и до САД, „ќе одлучуваат“ подеднакво сите, само не Македонците. Та, Зоран Заев веќе порача дека Македонците се и Срби и Бугари, само не се Македонци. Тој ги стави Македонците во агол, а над нив стои заканата од федерализацијата и поделбата на државата, која наскоро ќе се реализира.
Државата над партиите
Ниедна партија или политичка опција сама по себе не може да донесе решение и да пресече во вонредни услови во какви што е Република Македонија. Уште поточно, државата се наоѓа под толкава надворешна пресија и внатрешна специјална воена состојба, од која тешко дека ќе се извлечат нечепнати, и институциите, и партиите, и, пак, граѓаните.
Македонија, всушност, длабоко е загазена во вонредна состојба. Секако, вонредна и воена состојба не е прогласена и нема да биде прогласена токму под тој притисок од надвор. Исто како и при воениот судир во 2001 година, кога и при сите воени и полициски операции од државата против навлезените косовски и домашни терористички сили, од територија контролирана од САД и ЕУ, и ден-денеска се именува како „конфликт“. Токму во тој „конфликт“, односно војна, беа вмешани истите оние спонзори кои сега ќе го надградуваат договорот од Охрид, со првичните барања на терористите кои со експлозиви разнесуваа цивили врзани за бетонски столб само затоа што беа Македонци. Токму од нивните редови, а згора на сѐ и дезертер од македонската армија, спонзорите избраа да биде насилно поставен за претседател на законодавниот дом!
Токму затоа, за сето тоа што се случува, политичките партии веќе немаат легитимитет од гласачите. За таквите сценарија што ги спроведуваат, а се наметнати и диригирани од надвор, легитимитет немаат ниту социјалдемократите, ниту нивните сателити, ниту нивните партнери од таканаречениот граѓански сектор. Единствен борец и репрезент на македонските интереси, пак, не може, а и нема сила, да биде само ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери; бидејќи овие прашања ги надминуваат партиските рамки. Всушност, и илјадници од оние кои со денови маршираат за татковината, а не за политичка опција.
Од друга страна, и ВМРО-ДПМНЕ е под постојан удар и пресија од нелегитимните институции. Всушност, за оваа состојба се свесни и креаторите и нивните извршители. Не смеат да се заборават тајните пораки кои беа и иницијалната каписла на почетокот на долгогодишната специјална војна; дека „пријатели од надвор“ избирале политичари од Македонија, Косово и од Албанија за „големи планови“, како што пишува Зоран Заев до Мендух Тачи, како и пораките на „Скајп“ меѓу Зоран Верушевски и Ѓорѓи Лазаревски при прислушувањата во кои тие најавуваат „граѓанска војна“.
Поздравите на превратот во парламентот од САД и од ЕУ не звучат поинаку од сигнал за остварување на тие планови.
Паралелна држава
И САД и ЕУ сега се трудат да прикажат привид на нормалност. Тоа е начинот на кој тие ги водат модерните војни и преврати. Воведот во оваа состојба на пресија, под која е Македонија, наскоро ќе го доживее врвот.
Почетокот на овој привид лежи во воспоставувањето „нормален“ или привидно прифатлив паралелизам на двата од трите столба на демократијата – судската и извршната власт – како последица на пржинскиот процес. Прифаќањето на паралелното „специјално“ обвинителство, со меѓупартиска согласност, или што и да лежи зад таа формулација, како и паралелниот систем во таканаречената „влада за спроведување на изборите“, во која доминираше дуализмот, без никакво вистинско уставно толкување, со искривување на нормите до степен на пукање – за што сведочеа и низата скандали во Министерството за внатрешни работи – беа предуслов за наметнување на таквата привидна нормалност и прифатливост за главната запршка од странските кујни – наметнување паралелно Собрание или напросто негово насилно заземање. Извршениот преврат во Собранието, надвор од сите законски норми, е само продолжение на вонуставниот зафат, превратот подметнат и договорен со пржинскиот процес.
Сѐ што ќе се случува во следните денови ќе биде само обид за воспоставување привидна нормалност во државата. Таа „нормалност“ воедно ќе треба да ја преврти сликата и да ги прикаже како нормални носењето на некои популистички закони со кои ќе се сака да се затвори устата на оние што секојдневно бараат спас во демократски избори, а, од друга страна, ќе се договараат закони во насока на федерализирањето на државата.
Ништо од тоа што ќе се случува во периодот што следува нема да биде случајност; исто како што сите зафати во овие три години специјална војна беа испланирани до последна цртка – непризнавањето на изборите во 2014 година, насилните протести на Соросовите платеници, преземањето на партијата на социјалдемократите, фантомизирањето на гласачите, навредите кон македонскиот народ, идентитет, историја, култура, играњето на меѓуетничките чувства, изборниот инженеринг, тиранската платформа – сѐ што води кон крајната цел – идна федерализација на државата со име со неизвесна судбина.
Сето тоа за што сега сведочат македонската и регионалната јавност е само влез во фазите од договорената федерализација – од договореното донесување на законот за зголемена употреба на албанскиот јазик како официјален јазик, пред сѐ во безбедносниот сектор и во институциите, до поделба на колачот од функциите, како претседател на Собранието, премиер или претседател на државата. Тоа што следува е надградување на општините во „понапреден систем на самоуправување“, односно воведување кантонален систем, и нивно административно поврзување на федералните единици. Во меѓувреме, на паралелниот систем на влада, до кој неминовно ќе дојде, ќе бидат отстапени и безбедносните ресори МВР, ДБК, БЈБ, како и финансиските столбови УЈП, Царина. Целиот период ќе биде проследен со пропаганда што ќе треба да ја надградува „нормалноста“ која би требало да обезбеди мир при формализирање на федерализацијата и преименувањето на државата под плаштот на некакви евроатлантски напредувања.
Каде ќе бидат Македонците при остварување на оваа агенда? Веројатно, како и досега, на улиците борејќи се за зачувување на државата. Само тоа може да ги наруши овие сценарија, колку и да се тие „совршени и прецизни“. Затоа и им беа провокациите за насилство за нивно оцрнување. Ништо не ги плаши сценаристите толку како цврстината на ’рбетот на Македонците што протестираат. Македонската цврстина за опстојување и идентитет опстоила и под вековни сурови притисоци, а оваа генерација Македонци нема да стојат мирно на овој модерен геноцид кој му се извршува со обидот за негово обезличување. Македонците знаеле како да се справат и со суровоста и со притисоците од туѓинците, а знаеле како да се носат и со најголемата болка, нанесена од домашните соработници. За таа болка сведочи и историјата, македонската, балканската, светската. Овие денови, пак, се испишува историјата на уште еден македонски непокор.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 244. број на неделникот „Република“, 5.5.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Митровски: Државата овозможува мултимилионски бизнис со канабис, а граѓаните ги гони како криминалци
-
Во среда ќе се знае колку партии ќе учествуваат во кампањата за референдумот и колку пари ќе добијат
-
Лавот во Португалија, Стрелецот во Грција: Каде треба да живеете според вашиот хороскопски знак?
-
Каде живеат најубавите жени?