Илјадници луѓе ги напуштиле своите домови низ цела Централна Европа додека смртоносните поплави продолжуваат да растат.
Во Австрија, Германија и Чешка се во тек итни операции за справување со рекордните нивоа на поплавување во некои места.
Лизгањето на земјиштето и поплавите предизвикале смрт на најмалку четири лица. Најмалку осум лица се водат како исчезнати.
Во Германија повеќе од 7.000 луѓе биле преселени од нивните домови во градот Еиленбург, пишува Би-би-си.
Чешкиот главен град, Прага, е во состојба на готовност поради стравувањата дека водата може го поплави неговиот историски центар.
Повеќе од 2.500 луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови во главниот град и во околниот регион, јавува Радио Прага. Животните од Зоолошката градина во Прага исто така биле преместени.
Затворени се и подземните станици и училиштата додека властите во Прага чекаат да видат дали реката Влтава ќе се излее од своето корито.
Чешкиот премиер Петр Нечас вчера свикал специјална седница на Владата за да ги координира напорите за надминување на катастрофата, а околу 1.000 војници биле мобилизирани за да помогнат да се кренат метални бариери и да се наполнат вреќи со песок.
„Ние ќе сториме сè за да ги заштитиме животите и здравјето на луѓето“, рекол тој. „Вечерва и утре ќе биде критично.“
Главните патишта во многу области од Централна Европа се затворени и железничките услуги се прекинати. Во некои области електричната енергија е исклучена како мерка на претпазливост.
Надвор од Прага две лица загинале, а четири се водат како исчезнати откако се срушила една куќа. Телото на еден човек на 50-тина години било пронајдено во близина на поплавено подрачје североисточно од Прага, а две лица се водат како исчезнати откако нивниот сплав се превртел југозападно од главниот град.
Во Австрија метеоролошката служба вели дека два месеци дожд паднале за само два дена.
Еден човек бил пронајден мртов во близина на Салцбург, откако бил однесен од водата додека расчистувал разорена локација, а уште три лица се водат како исчезнати.
Повеќе од 300 луѓе се отселени од нивните домови во Салцбург и во соседен Тирол додека армијата работи заедно со цивилните власти за да ги расчистат одроните на земјиште и да ги направат патиштата проодни. Делови од регионот Пинзгау се прогласени за зона погодена од катастрофа.
Во Германија службата за алармирање за поплави во Баварија предупреди дека прогнозите се дека силниот дожд ќе продолжи и веројатно ќе ги влоши поплавите од реките Дунав и Ин, како и на другите реки во таа област.
Германските градови Пасау и Розенхајм прогласиле вонредна состојба.
Властите во Пасау, кој се наоѓа на устието на три реки во Баварија, велат дека водите се искачиле на рекордни нивоа.
Поголемите и помалите градови во Саксонија, Тирингија и Баден-Вуртемберг исто така се поплавени и и таму армијата помага во напорите да се надмине состојбата.
Во северниот дел на Саксонија, нивото на водата на реката Мулде исто така е особено високо.
Голема површина од Еиленбург, североисточно од Лајпциг, е евакуирана, а 7.000 луѓе се однесени во кризни засолништа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.