Јустинијан Први, византиски цар од Македонија
Петрус Сабатиус е роден во малото село Тауресиум, денешно село Таор во византиската префектура Илирик, во близина на Скупи (денешно Скопје), веројатно на 11 мај 483 година од Вигилантија, сестрата на генералот Јустин, кој подоцна ќе стане византиски император Јустин Први. Јустин Први го посвоил и го зел кај себе во Константинопол, обезбедувајќи му солидно образование, особено од областа на правото, теологијата и историјата. Кога Јустин Први бил прогласен за император, тој добил висок воен чин во царската гарда.
Уште пред доаѓањето на императорскиот престол, Јустинијан покажувал голема надареност за владеење. По смртта на Јустин Први, Јустинијан станал единствен император на Источното Римско Царство, односно Византиското Царство.
Историјата го памети и како најголем кодификатор на класичното римско право. Јустинијан бил една од најзначајните личности во доцната антика и со него завршува периодот на благосостојба во Византија.
Бил голем верник, верувал и живеел според верата. Изградил голем број храмови, од кои најубав е „Света Софија“ во Цариград. Поради заслугите за развојот на црквата и ширењето на верата, светиот цар Јустинијан се смета за светец во православното христијанство.
Сепак, Јустинијан постигнал цивилизациска вредност преку законските реформи, особено преку комплетната ревизија на сите дотогашни римски закони. Збирката од Јустинијановото законодавство денес е позната како Корпус на граѓанското право (Лат. Corpus juris civilis). Се состои од Јустинијанов кодекс, Дигеста, Институционес и Новели.
На почетокот на своето владеење, Јустинијан го назначил квесторот Трибонијан да ја надгледува оваа задача. Првиот нацрт на „Кодекс Јустинијанус“, кодификација на империјалните закони од II век дотогаш, бил издаден на 7 април 529 година (конечната верзија излегла во 534 година). Потоа следеле „Дигеста“ – збирка од постари правни текстови во 533 година и „Институционес“ – упатство кое ги опишува принципите на правото. „Новелите“ – збирка од нови закони донесени во времето на владеењето на Јустинијан, била продолжение на „Кодексот“. За разлика од останатите делови од Корпусот кои биле објавени на латински, „Новелите“ биле објавени на грчки.
Кодификацијата овозможила преживување на римското право. Таа ја формирала основата на подоцнежното византиско право. Единствената западна провинција каде што било воведено јустинијановото право била Италија, од каде што потоа се пренело низ западна Европа во XII век и станало основа за современите европски правни системи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.