13 мај 1901 година
Чернодрински ја формира првата македонска театарска група „Скрб и утеха“
По големиот успех на изведбата на првата драма на македонски јазик „Македонска крвава свадба“ во Софија, македонскиот драматург Војдан Чернодрински ја формира првата македонска театарска група „Скрб и утеха“. Подоцна драмската екипа го променила името во „Столичен македонски театар“. По Првата светска војна Чернодрински живее и работи во Бугарија како емигрант. Иако неговата татковина се стекнала со слобода во 1945 година, Војдан не можел да се пресели во Македонија и умрел во Софија во 1951 година.
Иако Чернодрински запишал правни студии во Грац, не ги завршил и за да се поврзе со ослободителното движење во Македонија, Војдан побарал учителска служба во Македонија. Тој бил назначен за учител во село Могила, Битола. Војдан не служел многу долго како учител во Македонија. Тој работел како учител во Македонија само една година, учебната 1897-1898 година. Потоа тој се вратил пак во Софија, каде што со тешки маки и подолги перипетии успеал да ја одржи првата негова драма на македонски јазик – „Македонска крвава свадба“. Драмата забележала голем успех и се одржале неколку репризи во Софија. По Софија, драмата се одиграла и во Пловдив. Тоа го мотивирало Војдан да се залага за формирање македонски театар. По реорганизација на екипата со која ги одржувал претставите, тие создале нова драмска екипа под името „Скрб и утеха“. Успехот на драмската македонска екипа растел и се одржале нови гостувања во Бугарија бидејќи немало соодветни технички услови во Македонија. По сѐ поголемиот успех на драмската екипа, таа си го променила повторно името во „Столичен македонски театар“. По одржувањето и задушувањето на Илинденското востание, новите политички услови му овозможиле на Војдан гостувања во Србија и таму бил пречекан со големи симпатии.
По Младотурската револуција во 1908, Македонија се здобила со подобра политичка клима и Војдан Поп Георгиев и неговата жена Марија Поп Георгиева (артист-аматер) пристигнале во Скопје, а подоцна и во Солун и во Битола. Тој во Македонија учествувал во организирање учители и учителки што ги подготвувале театарските претстави. Тие организирале повеќе европски драми, меѓу кои се нашла и „Македонска крвава свадба“, првпат изведена во својата татковина.
Наводно, според бугарските театарски критичари, по смртта на Војдан Поп Георгиев во СР Македонија во текстот на драмана „Македонска крвава свадба“ се внесувале мали промени, односно зборовите „Бугари“ или биле избришани или заменети со „рисјани“. Но, сепак, и во предговорот што го напишал Поп Георгиев и според своето животно осврнување, тој јасно и прецизно кажува што е и јасно ја истакнува македонската народност како посебна етничка група..
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.