Дали знаете кој бил најумниот човек кој живеел во Римското царство во 6 век? И дека е роден на само 20 километри од центарот на денешно Скопје? Се разбира сиве овие податоци се одамна познати на научната јавност, но сега од поинаков агол ќе го претставиме неговиот лик и местото каде бил роден. Поточно, низ очите на оние кои го истражуваат неговотот родно место, археолозите, пшува Скопје инфо
Јустинијан Први, е името на еден од најважните владетели на Источното римско царство, според некои, можеби и најважниот, особено поради неговиот придонес кој се рефлектирал и во модерното време. Роден е во Теуресиум, на 11 мај 483 година, а починал во престолнината, Константинопол, на 14 номеври 565 година.
Скопската котлина и денес има топонимски наследник древната населба Тауресиум – селото Таор во општината Зелениково, оддалечена дваесетина километри од скопскиот Плоштад. Веднаш над селото се наоѓа и локалитетот Таорско Градиште, кое на почетокот на новиот милениеум археолозите од Музејот на град Скопје почнаа интензивно да го истражуваат. И низ годините наидоа на прекрасни резултати. За жал, систематските истражувања замреа во последните години, па локалитетот денес е сиот обраснат во трева.
Истражувањата на Таорско Градиште сиве изминати години ги водеше археологот м-р Киро Ристов. Тој голем дел од својата истражувачка работа ја посветил токму на големиот Јустинијан Први, во потрага по неговото родно место.
Една од интересните и основни работа за Јустинијан е што тој немал кралско потекло.
– Веројатно бил син на некој рибар од Таор. Тоа е само претпоставка бидејќи на локалитетот пронајдовме многу јадици. Претпоставувам дека татко му, покрај другото се занимавал и со рибарство. Но, не знаеме кој бил неговиот татко, веројатно починал помлад. Од историските факти знеме која била неговата мајка и дека нејзиниот брат бил многу почитуван – Јустин Први, кој бил неписмен и како млад човек отишол да се вклучи во римската војска и станал император – раскажува Ристов.
Имал вонреден интерес за наука
Како внук на тој голем човек, Јустин Први, Јустинијан отишол кај него и го добил сето можено образование во тоа време во Константинопол. Бидејќи станал цар на 42 години, имал време страшно многу да се образова.
– Не е поентата само да му овозможиш некому да се образова во најбогата библиотека или во најдобрите школи во царството. Треба да имаш и интерес за тоа. Јустинијан пројавувал вонреден интерес за наука. Буквално апсорбирал се што е научно, модерно, ново. Историографот Прокопиј за него вели: „Како е можно еден човек, кој не му се знае родното место, од некое место Тауресиум, да стане најобразованиот човек во царството?“. Тој не бил само кодофикатор на римското право, организатор на одбраната на царството од варварите, туку и како поет, писател. Бил сестран човек. Негово дело се многу цркви и тврдини, меѓу кои и црквата „Св. Софија“ во Истанбул каде можеме да ги видиме неговите мозаици и портрет. Поради тие причини Јустинијан е многу значаен и до ден денешен. Многу правни системи на модерните држави се базираат на римското право кое тој го кодифицирал. Тој направил сиже од многу правни закони, ги собрал најубавите работи, ги синтетизирал и направил применлив правен акт. Ги решил имотно-правните односи, брачните заедници, многу работи на обичниот човек кој живеел во царството. Бидејќи потекнувал од една таква средина, сакал тоа да биде кодифицирано, се да биде на место. Затоа денес многу правни факулети, меѓу кој и скопскиот, го носат неговото име токму да му оддадат почит на овој голем заслужен човек за светската цивилизација – вели Ристов.
На Таор имало „царска интервенција“
Археолозите од 2000 година почнаа поинтензивно да го истражуваат Градиште кај селото Таор, во потрага по доцноантичкиот Таурисиум, кој според Прокопиј е родното место на царот Јустинијан Први. Тие констатирале три хоризонти на живеење – праисториска, во енеолитот и во раното бронзено доба датирана во 3.000 и 2.000 година пред новата ера; доцноантичка населба (од 4. до 6. век) и средновековна населба од 9. и 10. век. Сите хоризонти нудат богати движни наоди, а доцноантичкиот и фантастични архитектонски градби.
Бидејќи најмногу го истражувале доцноантичкиот период, тие евидентирале две фази на живеење. Првата населба од 4. до крајот на 5. век, била урната за време на големиот земјотрес во Скопската котлина во 518 година. Втората населба која живуркала до почетокот на 7. век ја обновил и изградил Јустинијан Први.
Прокопиј забележал дека „царот имал потреба да му се оддолжи на родното место“. Археолозите велат дека фактите на теренот може да се заклучи дека во изградбата имало „царска интервенција“. Во населбата инвестирал човек што бил моќен и имал многу пари да плати исклучителни мајстори-градители. Во тој период, сите објекти на Балканот биле градени од камен врзан со кал.
На Градиште археолозите открија две градби и бедемот на населбата, меѓу објектите – широка улица. Една од градбите имала атриум – отворено предворје, со колонада од столбови, на кои се потпирал тремот, а во двориштето пронашле расфрлани три столба, бази и два капитела (горни делови од столбови). Пронашле и околу 130 монети, фрагменти од керамички садови, оружје, орудие, воена опрема, крстови, женски накит, стаклени садови, прозорски стакла и друго. Во подоцнешните истражувањат открија уште неколку велелепни објекти.
Во потрага по Јустинијана Прима
Сепак, најголемата провокација која и денес се врзува за царот Јустинијан Први е балканската Атлантида, мистериозниот град Јустинијана Прима која и денес е сон на многу археолози. Од историографот Проикопиј знаеме дека императорот ја направил Јустинијана Прима во близина на неговото родно место. Според неговите кажувања, градот бил со велелепни улици, убави згради и објекти.
Но, зошто досега никој не успеал да ја пронајде? Како може од еден град, со толкави згради и улици, да не биде пронајден, од него да нема никакви остатоци? Според кажувањата на Прокопиј, градот егзистирал 50-60 години. Последниот запис е од 600 година, кога градот бил уништен од варварите.
Постојат повеќе претпоставки за локацијата на Јустинијана Прима. Едан од нив беше дека се наоѓа на Скопскот кале, но обемните ископувања на тврдината не даде резултати дека таму би можела да биде Јустинијана Прима. Едноставно, археолозите пронајдоа малку остатоци од доцноримскиот период. Другата теза е дека мистериозниот град се наоѓа на локацијата Царичин град во Србија.
Но, со оглед на описите, дека Јустинијана Прима бил огромен град, некои археолози сметаат дека градот бил распослан под Старата скопска чаршија, од Кале до Султан-муратовата џамија и Саат кулата. И се уште лежи под денешно Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.