Кире Наумов, еден од кандидатите за лидер на СДСМ, кој поради критичкиот настап кон раководството на партијата немаше еднаков третман како останатите противкандидати останува член на СДСМ. Тој остава простор СДСМ да направи одредени промени, кои ќе го подобрат рејтингот на партијата.
– Вчера да бидеш на 14. конгрес на СДСМ и да се викаш Кире Наумов беше мачно и тешко. Се надевам дека вчера за последен пат преовладуваше стариот дух на партијата. Очекувам дека СДСМ ќе тргне во промени! Пред сѐ кадровски и организациски промени, а потоа и промени со кои ќе се придобие електоратот. Единствено само по тој пат СДСМ може да стигне до победата – ни изјави денеска Наумов, кој за разлика од неговите противкандидати Зоран Заев и Зоран Јовановски, кои во „Холидеј ин“ пристигнаа со Црвенковски, влезе сам во салата каде што се оддржуваше конгресот.
За одлуката на Зоран Јовановски да го напушти раководството на партијата, Наумов вели дека е легитимна одлука која не би требало да ја коментира.
– Можеби Јовановски знае нешто што јас не го знам, со оглед дека беше дел од целиот процес, поради што донел ваква одлука – вели Наумов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.