| четврток, 6 декември 2018 |

Дарко Јаневски: Талат Џафери – 18 и 20 часот

Има една работа поврзана со т.н. избор на Талат Џафери, а која поминува онака незабележано во целата оваа гужва. Имено, сосема нормално е, логично, СДСМ и неговите ортаци, сцената што ја приредија со неделовничкото гласање да ја изведат до 16 часот, односно пред почетокот на протестите на „За Заедничка Македонија“, кои два месеца почнуваа во 17 часот. Значи, можеа да предизвикаат прекин на постојната седница, можеа да побараат пауза, па да го исфингираат Џафери и слично. Но с` што имаа на ум да прават беше сосема нормално да го направат порано. Тие решија, тоа да го приредат по 18 часот кога надвор има неколку илјади луѓе. И кои два месеца им порачуваа, им ставаа до знаење, што може да се случи. Е, кога го знаеш тоа, кога ти е кажано, останува заклучокот дека си бил свесен или ако сакате, практично си ги повикал луѓето да влезат.

Зошто тоа би било потребно, зошто правиш нешто ако знаеш дека тоа ќе предизвика влез во Собранието на луѓето? Има две можности: едната е дека СДСМ не очекувал дека тоа навистина ќе се случи, а ако се случи, дека нема да предизвика насилство кон пратениците, туку евентуално ќе има кршење на инвентарот и толку. Втората е дека СДСМ и албанските пратеници се ставени во улога на жртвени пиони во партијата шах што ја води некој друг. Зошто?

Причината е едноставна. По два месеца протести и кога претседателот Иванов покажа истрајност во ставот дека нема да го даде мандатот ако не се отстранат правните и политичките пречки, целата ситуација беше доведена на некое ниво на изгледно реми во кое предност имаа Иванов, „За Заедничка Македонија“ и барањето за нови избори. Со веќе неспорен преовладувачки впечаток дека луѓето што протестираат (а во еден момент, на пример, при посетата на Хан, нивниот број достигна неколку стотини илјади) и луѓето што не излегуваат на улица, но ги поддржуваат, беа жртва, а СДСМ и албанските партии беа агресорот што ја нападна државата со постизборната тиранска платформа. И таа вистина очигледно требаше да се смени. Бидејќи таа всушност го блокира тоа што беше именувано како постизборен инженеринг.

Да се обидеме посликовито да го објасниме тоа со сликата од настаните на Kосово во 1998-1999 година. До настанот во Рачак, кој верувам ви е познат, на една страна, беа УЧK како нелегална формација, која врши злосторства, а на друга, војската на тогашна Југославија, која е должна да си брани територијата од нелегално вооружената формација. Потоа беше исфингиран Рачак и тогаш тргна дипломатско-медиумската офанзива дека УЧK е всушност борец за слобода, а Слободан Милошевиќ и војската на Југославија станаа злосторници и, како што сега вели, Ахмети – окупатори.

Иако споредбата со имињата и настанот не е докрај коректна и точна ако го сфатите тоа буквално, сепак во основа се работи за нешто слично. Завчерашниот настан всушност е обид „агресорот“ – СДСМ и албанските партии – да станат жртва, а „За заедничка Македонија“, односно поголемиот дел од народот кој стана против тиранската платформа наметната по изборите, значи платформа за која никој не се изјаснил на изборите, од бранител на својата држава со мирни протести, да се претстави и трансформира во агресор.

Ако вака ги гледате работите, тогаш станува јасно зошто целата драма беше организирана по 18 часот. Станува збор за класично извртување на улогите, односно за обид да се сменат улогите на жртвите и агресорите, во домашната перцепција, но и во странската. Kога на ова ќе се додаде и дека амбасадорите што синоќа одржаа прес-конференција, всушност од 17 часот биле собрани во хотел на центарот на Скопје кога ќе се додаде и крајно смешното соопштение на американската амбасада (според Американците, Талат Џафери бил избран во регуларна процедура , на што не знаеш дали да се смееш или да плачеш), станува сосема очигледно дека е во прашање една синхронизирана операција. Битна била крајната цел, а за таа цел очигледно било предвидено да има и жртви, односно повредени и слично.

Се разбира, тука нема да се застане. Освен потребата да се сменат улогите на жртвите, операцијата веројатно е со цел да се избере и влада, која исто така ќе биде нелегитимна, но во секој случај ќе биде направен обид да се создаде некаков институционален паралелизам. Тоа дополнето со надворешниот притисок кој сега би требало да биде насочен врз Иванов и врз Груевски, според замислата би требало да вроди со некаков плод на пократок период. Инаку, пропаднаа жртвите. Затоа е сосема провидно инстантното одбивање на СДСМ да го прифати повикот на Иванов за лидерска средба, како и игнорирањето на тој повик од страна на странските замешатели во оваа ујдурма. Инаку, тие се тие што до вчера велеа дека секоја криза се решава со дијалог, зар не? Но, овде очигледно станува збор за ситуација за чиј опис повторно ќе се послужиме од историјата на Југославија: кога се распаѓаше државата, а Словенија и Хрватска први се отцепија, во еден момент некои од странците се огласија и рекоа дека за прашањата што се однесуваат на нив ќе разговараат со владите во Љубљана и Хрватска, а не со сојузната влада во Белград. Овде идејата е да се направи нешто слично: од денес за тој дел од странците Џафери е претседател на Собранието, а тој таа група ќе го избере за премиер, со него ќе разговараат наместо со Емил Димитриев и ќе прават нов циркус. Kако потоа ваквата ситуација заврши во СФРЈ е познато, а нема да биде чудо дека и овде се брза со нешто слично, односно позната тајфа амбасадори да прогласи која влада ја сака и која за нив е легитимна, а која не. Фактот што со тоа дополнително ќе ја разгорат кризата многу и не ги интересира, зар не?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top