Немилите слики од вчерашните случувања во Собранието, не се слика на Република Македонија каква што јас ја гледам и каква што сакам да ја видам во иднина. Насилството врз пратеници од било која политичка опција силно го осудувам и сакам да посочам дека употребата на физичко насилство не е начин за остварување на политички цели!, пишува во својот Феjсбук статус Владимир Пешевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој понатаму пипува дека очекува надлежните институции да се однесуваат професионално во расветлување на овие тажни случки во македонската историја, а оние кои го предизвикаа насилството со соодветни докази да одговараат пред правдата.
За осуда е и политичкото насилство презентирано вчера во Парламентот, обидот на сила, недемократски, неуставно, незаконски и надвор од деловникот да изберат претседател на Собранието, па макар по цена да се испровоцираат и конфликти од поголеми размери.
Сепак и ова не оправдание за физичко насилство! Македонија мора да се врати на вистинскиот пат.
Политичките партии мора да разговараат за доброто на оваа земја, за доброто на македонскиот народ и за враќање на Република Македонија кон патеката на понатамошен раст и развој.
На сите пратеници и полициски службеници коишто претрпеа физички повреди за време на вчерашните немири им посакувам брзо закрепнување.
Одговорните за насилството мора да одоговараат за своите постапки, пишува Пешевски на својот ФБ профил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.