Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Пешевски и кандидатот за пратеник во Изборна единица 4, Ванковер Манчев, во хотелот Сириус, остварија средба со педесетина претставници на бизнис заедницата од Струмица.
Пешевски истакна дека изминатите години, додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, економијата на Република Македонија и покрај меѓународните економски кризи и внатрешната политичка криза, покажа стабилност и постојан раст. Додека во Европа се забележуваа високи негативни стапки на раст, се воведуваа рестриктивни мерки и дури имаше отпуштања на работниците, во Македонија економијата порасна од околу 5 милијарди евра во 2006 на 9 милијарди евра во 2016 година.
– Компаниите растат и се развиваат, постојано се зголемуваат бруто инвестициите, при што во изминатите 10 години се создадени над 160.000 нови работни места, во најголем дел во домашни компании, платите континуирано растат, се удвои извозот на стоки и услуги, со што се придонесе на просечни стапки на раст на економијата од 3%, што е меѓу најдобрите пет резултати во Европа, дополни Пешевски.
Тој додаде дека изминатите години Владата работеше на креирање на поволна и стабилна бизнис клима, за домашните и странските инвеститори.
– Вкупните инвестиции во 2006 година за првпат надминаа 1 милијарда евра, што претставуваше околу 21% од вредноста на бруто домашниот производ, додека во 2015 вкупните инвестиции изнесуваа речиси 3 милијарди евра, со зголемено учество во бруто домашниот производ од над 30%, нагласи Пешевски.
Порастот на бруто инвестициите, од кои најголемиот дел доаѓаат од домашните компании, се резултат на добрата бизнис клима која ја создадовме изминатите 10 години, со поедноставување на низа постапки, пред се во делот на отворање на нови компании, добивање на градежни дозволи, намалување на даночни и царински постапки, стимулирање на извозот на стоки со повисока додадена вредност, како и одржување на макроекономската стабилност на земјата, со задржување на фиксниот курс на денарот, ниска инфлација и умерено задолжување.
– Во програмата “Реално” наведени се економски проекти, со кои во наредните 4 години проектираме да продолжиме со економски раст на земјата, при што растот на БДП планираме да достигне 4,5% во 2020 година, да отвориме нови 70.000 работни места и да ја намалиме невработеноста под 18%, кажа Пешевски.
Економските мерки кои ние ги креиравме, се испланирани реално, да ги задоволат и барањата на компаниите и работниците, а воедно да овозможат раст на државната економија, додаде Пешевски.
Како еден од многу важните проекти, Пешевски го оцени Проектот за рурални развојни зони, кој е особено значаен за развој на руралните подрачја и повисок животен стандард на граѓаните. Овој проекти им нуди на инвеститорите подобри услови за инвестирање дури и во Технолошко – индустриските развојни зони и е насочена кон домашните компании. На инвеститорите ќе им се помогне со директни грантови за нови вработувања, грантови за поддршка за изградба на нови капацитети и набавка на нови машини, даночни и социјални олеснувања, како и поддршка за изградба на пристапен пат или друга инфраструктура, надополни Пешевски.
– Програмата на ВМРО-ДПМНЕ е склоп на идеи и комуникација помеѓу Владата и стопанските комори, компаниите, академската заедница, како и директно со граѓаните. Нашите проекти се реално остварливи и одговараат за потребите на компаниите, граѓаните и ќе придонесат и натаму за натамошен економски развој на Република Македонија, заврши Пешевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.