Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, Владимир Пешевски беше домаќин на состанокот на министри за енергетика на земјите од Западен Балкан 6 вклучени во „Берлинскиот процес“ кој се организира во соработка со Европската комисија.
На овој состанок, кој се одвива по Самитот за Западен Балкан во Париз, а пред наредниот Самит во Трст, во присуство на Еврокомесарот за добрососедска политика и проширување на Европската Унија се дискутираше за прогресот во енергетските реформи во Земјите од Западен Балкан, како и за очекуваните постигнувања до наредниот Самит.
Вицепремиерот Пешевски на отворањето на состанокот истакна дека Владата на Република Македонија, пристапи сериозно и посветено во процесот, бидејќи реформите во енергетскиот сектор се еден од клучните фактори за економски раст и развој на земјата и на регионот.
На Самитот во Виена, кој претходеше на Самитот во Париз, членките на Западен Балкан 6 усвоија два клучни документи во полето на енергетиката, насловени како „Повелба за одржливост“(Sustainability Charter) и „Патоказ за електрична енергија“ (Roadmap on Regional Market on Electricity), чија реализација ќе придонесе до поефикасен и поефективен регионален енергетски пазар, подобро енергетско поврзување и побрз раст и развој на земјите од Западен Балкан.
Имплементацијата на таканаречените „меки мерки“ кои произлегуваат од „Патоказот за електрична енергија“, од страна на земјите од Западен Балкан ќе го забрзаат креирањето на регионалниот пазар за електрична енергија, со цел да се остранат постоечките законски и регулаторни бариери и да се унапредат институционалните капацитети неопходни за функционирањето на овој пазар во согласност со Договорот за Енергетска заедница и релевантните ЕУ прописи, нагласи Пешевски.
Тој дополни дека имплементацијата на „Повелбата за одржливост “ ќе овозможи подобрување на животната средина преку унапредување на енеретската ефикасност и зголемување на уделот на енергија од обновливи извори во регионот.
– Искористувањето на потенцијалите за електрична енергија од хидро извори ќе има голема улога во постигнување на поставените заеднички цели на земјите од регионот. Оваа конференција е шанса да го презентираме успехот на нашето регионално партнерство и ќе осигура дека сме во добра насока во исполнување на целите кои ги имаме пред нас до Самитот во Трст оваа година, заврши Пешевски.
На состанокот учествуваа Еврокомесарот Јоханес Хан, министрите задолжени за секторот енергетика од Западен Балкан, Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Јанез Копач, како и претставници од меѓународни финаниски институции (EBRD, KfW, EIB и EIF).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.