Вилер Алвес Финаморе од Бразил е професор по информатика кој живее и работи во Охрид. Како човек што доаѓа од неверојатно колоритна земја, во која карневалот во Рио, убавите Бразилки и фудбалот се вистински обележја, тој вели дека токму тука пронашол сличност со својата земја. Тој за „Република“ открива дека во двете земји луѓето се со пријателски пристап, уживаат во забава и во храна и се многу отворени кон странци…
Кога првпат дојдовте во Македонија?
Првпат дојдов во Македонија пролетта во 2015 година. На почетокот останував по три месеци, па се враќав во Бразил. Ова е мој трет пролетен престој во Македонија.
Доаѓате од земја со поинаква традиција и култура, Ви беше ли тешко да се приспособите на новиот начин на живот овде?
Мојата ситуација, како што веќе кажав, е малку необична во последните три години од мојот живот. Живеев три месеци во Македонија, па следните три во Бразил. Но, се вратив овде во потрага по нов начин на живот, одев напред-назад меѓу стилот на животот, новиот, македонски со стариот, бразилски. На многу начини Бразил личи на Македонија. Во двете земји луѓето се со пријателски пристап, уживаат во забава и во храна и се многу отворени кон странци. Во Бразил луѓето се многу поотворени за да внесат нови навики во нивниот начин на живот. Во Македонија, според мене, луѓето строго се држат до своите навики и култура, што по мое мислење е во ред, нема ништо лошо со таквиот стил на живот.
Како одлучивте да останете и да живеете овде?
Крајната цел ми е да се вратам во Бразил. Сепак, не би ми било проблем да останам овде да живеам до крајот на мојот живот. Животната средина е многу убава и пријатна. Храната е многу добра, посебно лебот. Ми се допаѓа што во Македонија има повеќе видови леб, нивната подготовка е единствена, ми се допаѓаат тркалезен леб, пржено лепче и повеќето видови багети. Настрана од пријателските луѓе и убавината на земјата, главната мотивација да дојдам во Македонија е научната соработка со Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид. УИНТ е универзитет кој воведе настава на англиски јазик. Тоа е одлична можност за Македонија и за многу земји што ја разбираат глобализацијата како неизбежен и добар тренд.
Дали Македонците знаат да помогнат, да подадат рака кога е потребно?
Македонците се луѓе со кои на многу начини можете да се поврзете. Јас никогаш немам поминато ниту еден празник сам. Секогаш сум поканет да го поминам моето слободно време со пријателите што ги запознав во оваа земја, да им се придружам на нивната прослава. Без разлика дали станува збор за државен или за религиозен празник, па дури и фамилијарни прослави. Покрај ова, Македонците (барем во академскиот свет, каде што сум ангажиран) се многу солидарни луѓе, секогаш подготвени за промовирање заедништво.
Кое е Вашето мислење за македонскиот народ, нивниот начин на живот?
Ми се допаѓа како луѓето овде знаат да уживаат и да го живеат својот живот. Тука луѓето поминуваат и многу време во природа, имаат свои активности. Интересно е да се види радоста на нивните лица за топлите и пријатни денови (што не е случај во Бразил бидејќи таму најчесто е сончево). Во тие денови луѓето се со поинакво расположение, ведри, колоритно облечени, без разлика дали станува збор за мажи или за жени.
Дали Ви се допаѓа македонската традиционална кујна?
Македонската храна е многу добра. Пастрмката, рибите се одлични. Баничката и бурекот исто така. Пицата што се приготвува во Македонија, исто така, е добра, посебно тестото (иако некогаш рестораните не водат многу сметка за состојките врз тестото, што некогаш значи „срцето“ на добрата пица). Пробав и јагула, несекојдневен и специфичен вкус. Морам да истакнам дека се случува да наидете на непријатно добредојде во некој ресторан во Охрид, што според мене треба да биде обратно за град кој е туристички белег на земјата. Треба сите да се стремиме солидарноста да владее во овој град. И морам да го спомнам десертот трилече, кој навистина е вкусен, во Охрид не може да се најде на многу места. Голем впечаток ми остави и тој во Поградец, Албанија, но во Скопје го немам пробано сѐ уште.
Колку имате слободно време за да ја истражите Македонија? Што мислите кое е најубавото место за да се посети овде?
Не сум бил во многу места. Главно поради фактот дека Охрид нуди многу. Сум бил во „Свети Јован Канео“, во повеќе цркви, амфитеатарот. Шетањето низ стариот дел на градот секогаш завршува со добро искуство. Има прекрасна природа околу Охрид, Галичица, Свети Наум. Сулфурната бања кај селото Косел, исто така, е едно убаво искуство за еден Бразилец. И, секако, тука е убавината на Охридско Езеро. Сум бил и на карневалот во Вевчани, негување на една стара традиција (како карневалот во Бразил пред многу години). Но, не застанувам тука, имам уште места на мојата листа кои сакам да ги посетам.
Ви недостига ли родната земја?
Ако останам подолго од предвиденото, секако дека ќе ми недостига. Но, за тие што доаѓаат и се враќаат да си ја видат земјата е малку полесно.
Кои се Вашите планови, останувате ли во Македонија?
Моите планови засега се да одам во Бразил и да се враќам во Македонија сѐдодека оваа научна соработка ми ја дава таа можност.
Пишува:К.Н.К
(Текстот е објавен во 242 број на Неделникот „Република“)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!