| четврток, 6 декември 2018 |

Банкнотата од 2.000 денари во конкуренција „Банкнота на годината“

Швајцарската Народна Банка ја доби престижната награда „Банкнота на годината“ за 2016 година, што веќе дванаесет години по ред ја доделува International Bank Note Society. Во конкуренција беа 120 нови банкноти издадени во светот минатата година, а повеќе од половина беа доволно добри за да се квалификуваат за номинација. Меѓу нив беше и македонската банкнота од 2.000 денари, која котираше доста високо меѓу жирито.

Швајцарската банкнота од 50 франци во најтесна конкуренција ги победи Малдиви, Аргентина и Шкотска.

На победничката банкнота од Швајцарија има дизајни од ветер и глуварче, планина и параглајдер, а беше промовирана лани во април, како прва во новата серија на која има сегменти од природата наместо ликови од познати жени и мажи. Швајцарија подготвува и нова банкнота од 20 франци, која ќе ја пушти во оптек следниот месец.

Претходната, 2015 година, на изборот на „Банкнота на годината“ победи Нов Зеланд со банкнота од 5 долари.

Македонската 2.000-ка ја номинирал членот на ИБНС, Овен Линцмајер.  Носечки мотив на предната страна е претстава на македонска невестинска носија од Прилепско Поле. На истата страна, во централното лево поле е претставен приврзок во форма на афионова чашка којшто е откриен во Сува Река, Гевгелија и претставува артефакт датиран во VII век пр.н.е што му припаѓа на познатата група пајонско-македонски бронзи.

Што се однесува до задната страна на банкнотата, на неа е прикажана декорацијата на внатрешната страна на позлатен сад, којшто потекнува од XVI век и во чиешто централно поле се наоѓаат два афронтирани пауна покрај „изворот на животот” обиколени со раскошна флорална декорација.

Банкотата од 2.000 денари, заедно со таа од 200 денари беа пуштени во оптек на 15 декември минатата година.

 

извор фактор.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top