| четврток, 6 декември 2018 |

Нова мега пресметка, Кире и Борко во ракометното „Ел класико“

kire lazarov

Натпреварите меѓу Кил и Барселона секогаш привлекувале големо внимание. Двата најголеми ракометни гиганти денеска во 17.30 часот ќе ги одмерат силите во рамките на четврт-финалето од Лигата на шампионите.

Домаќини ќе бидат германските „зебри”, а ова ракометно класико ќе биде дополнително интересно за нас, бидејќи како што е познато во редовите на Каталонците играат Кире Лазаров и Борко Ристовски.

Капитенот и повратникот во репрезентацијата ја посакуваат титулата од Лигата на шампионите сезонава, но, претходно, пред себе ќе имаат тешка мисија да обезбедат пласман на фајнлфор турнирот. Иако според параметрите, Барселона е мал фаворит во овој двомеч, пред сè поради проблемите со повредите на ракометарите на Кил, сепак, Германците не смеат никако да се потценат.

Тоа најдобро го знае токму Барса која минатата сезона во оваа фаза испадна од Кил, кој со тоа обезбеди настапн на Ф4 турнирот.

Во оваа сезона, пак, германскиот и шпанскиот тим одиграа две средби од првата група. На првата, Барселона славеше минимално со 26-25, а Лазаров на своето конто постигна два погодоци. На дуелот во Германија, пак, мечот заврши нерешено (27-27), а блескава партија имаше капитенот кој даде осум голови.

Во секој случај, ова ќе биде нов меч за уживање кој дефинитивно не смее да се пропушти. А за сите љубители на спортот, ова ќе биде одлична увертира за фудбалското Ел Класико меѓу Реал Мадрид и Барселона кое се игра од 20.45 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top