| четврток, 6 декември 2018 |

Зоран Пејковски: Македонија не е идеја, таа е аманет од нашите претходници

зоран

Исус беше предаден за 30 сребреници од Јуда, човек од својот род, како ние што сме предадени за 30 милиони евра, истакна на денешниот протестен марш на Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија, поетот Зоран Пејковски.

Вели дека вчера државата ни ја посети еден странски медиокритет.

-Ги прославивме Велигденските празници онака како што доликува – христијански, ама вчера ни ја посети државата уште еден странски медиокритет. Карл Билд кој сакаше воена агресија врз македонскиот народ, врз ова парче библиска земја. Замислете, дојде да ни каже што треба да правиме, тој со неговиот голем соросоиден ум. Тој заборави дека во Македонија има луѓе кои не се предавници и си ја сакаат својата држава. Има Македонци кои се патриоти и знаат што значи тоа. Е затоа нас Македонците нема да не уништат, оти ние сме библиски народ – истакна Пејковски.

Посочи дека нам не ни треба бинационална, туку мултиетничка, каква што секогаш била Република Македонија. Како што вели Петковски, постојано ни наметнуваат флоскули со кои полесно сакат да не распарчат, да не уништат, да не стават на ѕидот на срамот за да докажат нашите пријатели, дека ние сме без ‘рбет, без своја историја, без своја иднина.

– Овде сите заедно на непријателите на РМ ќе им докажиме дека Тиранско-косовски платформи не прифаќаме, наметнати од разни еретици и антихристи кои сакаат да ни ги инсталираат во државата. Нека не ве обесхрабруваат предавниците, нив секогаш ги имало, но сега знаат дека македонскиот народ е цврст, кој си ја сака сопствената држава, Република Македонија. Ние заедно треба да ја одбраниме Република Македонија и да кажеме дека нема да дозволиме да ни го донесат Косово во Македонија, а преку грбот на Македонците да ја направат Голема Албанија, потенцира Пејковски.

Поетот додаде дека доколку не се соочеа со народот, тоа досега ќе се случеше.

-Сите се свесни дека тоа ќе ни го направеа ако не се соочеа со народот, а со народот нема играње. Вие, кои сте на бедемот на унитарноста на Република Македонија, на Уставот, на јазикот, на сите човекови вредности, верувајте ми, вие сте историски личности. Сите вие кои ја сакате Македонија влегувате во историјата на четвртиот Илинден, а тоа се случува сега и овде, истакна Пејковски.

На крајот од својот говор, тој посочи дека иницијативата е за мир, како кај нас, така и во светот, за Европа и Евроатлантските перспективи, но како што вели, нема да дозволиме да бидеме понижувани од белосветски мешетари.

-Ние не смееме да го изгубиме образот, достоинството, честа, не смееме да ја изгубиме Македонија, македонскиот јазик, унитарноста и Уставот на Република Македонија. Нашата земја е мултиетничка, во која живеат голем број етникуми. Таа е заедничка земја на сите нас. Македонија не е идеја, Македонија е аманет оставен од нашите претходници. Аманетот не се заборава и затоа треба да ја чуваме- рече тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top