„Реквием за госпоѓа Ј“ во режија на Бојан Булетиќ, а во копродукција на Скопје филм студио, утревечер (четврток, 20 април) во 20 часот, во кино „Милениум“ ќе има македонска премиера како филм за отворање на годинешното издание на Скопски филмски фестивал кој се одржува од 20 до 28 април.
Филмот беше прикажан на годинешното 67. издание на Берлинале, на ФЕСТ Белград каде освои награда за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра женска улога, а на 21.Интернационален филмски фестивал во Софија ја освои наградата ФИПРЕСЦИ која ја доделува Интернационалната федерација на филмски критичари.

„Реквием за госпоѓа Ј“ обработува актуелна, универзална тема што произлегува од севкупната материјална и мотивна криза која владее во светот, а најмногу во сиромашните земји. Приказната ги следи животите на четири жени кои припаѓаат на повеќе различни генерации: мајка, нејзините две ќерки и свекрва. Главниот лик, гoспоѓа Ј, откако останува без работа и пензија, бара начин материјално да го обезбеди своето семејство. Постарата ќерка крие дека е бремена, помладата ќерка влегува во бурен пубертет, а свекрвата само молчи и не комуницира со никој. На еден поинаков начин, преку црн хумор, овој филм се обидува да зборува за сериозни теми од животот во транзиција.
Сценариото е на Бојан Вулетиќ, директор на фотографија е Јелена Станковиќ, сценограф е Зорана Петров, костимограф е Лана Павловиќ, шминка Јасмина Лилиќ, а монтажата е на Владимир Павловски. Улогите ги толкуваат Мирјана Карановиќ, Даница Неделковиќ, Мира Бањац, Јована Гавриловиќ, Срѓан Тодоровиќ и др. Продуцент е Нанад Дукиќ (Србија), а ко-продуценти се Павлина Желева (Бугарија), Томи Салковски (Македонија), Александер Родњански (Русија) и Алис Ормиер (Франција).

На премиерата ќе присуствуваат режисерот Бојан Вулетиќ и актерката Мирјана Карановиќ, како и продуцентите Ненад Дукиќ и Миша Могоровиќ, како и македонската екипа која работеше на филмот.
Проектот беше поддржан од Агенцијата за филм, Српскиот филмски центар, Бугарскиот национален филмски центар, ИФФ Карлови Вари, францускиот „Синема ди Монд“, а поддршка даде и Еуримаж-Европскиот копродукциски фонд на Европска унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


