Скопје филм фестивал со задоволство ве известува дека вчера, по проекцијата на филмот „Пеколен портокал“, во киното „Милениум“, разговор со публиката имаше специјалниот гостин на фестивалот Јан Харлан, извршниот продуцент на филмовите на легендарниот Стенли Кјубрик.
-Она што е карактеристично за Стенли Кјубрик е истото што важи и за сите големи уметници како Пикасо, Моцарт или Бетовен, а тоа е дека нивните дела не исчезнуваат. Овој филм „Пеколен портокал“ е стар 45 години, од премиерата на „Одисеја 2001“ наскоро ќе бидат 50 години, утре ќе го видите „Лолита“, има 60 години откако е снимен. Неговите дела траат, тие се актуелни, не исчезнуваат и мислам дека тоа е клучно за секој голем уметник. Она по што најмногу е запаметен Кјбурик е што секогаш ги поместуваше границите, секогаш се обидуваше да направи нешто невообичаено и како и сите уметници што навистина се големи и тој ги преминуваше границите, како на пример француските импресионисти, како Тарнер, Бергман, сите тие се обидуваа да направат нешто што е вредно и што нема да исчезне во времето. Кјубрик не еше заинтересиран да направи голем број филмови, она што него го интересираше е да направи филм што ќе биде значаен и што на публиката ќе и’ каже нешто што би можело да предизвика нешто во вас. „Пеколен портокал“ е типичен пример за тоа, ова е многу политички филм и како вистински политички филм е и многу тежок филм. И бидејќи работев со него, можам да ви кажам дека тој секогаш мораше да биде задоволен со сработеното. Се разбира дека филмовите ги правеше за публиката, но таа беше на второ место. И навистина е така и со композиторите, писателите, сликарите, тие први мора да бидат задоволни со своето дело, за да и’ го предадат на публиката. Ако размислуваш што сака публиката, ако правиш нешто само заради публиката -тогаш си изгубен, рече Харлан на почетокот на разговорот.
Тој откри дека најомилениот дел од режирањето за Кјубрик бил процесот на подготовките на филмовите, дека многу читал, дека сакал да гледа тенис на телевизија, дека не сакал често да излегува од неговата куќа и дека сите подготовки за филмовите се вршеле кај него дома, се’ додека не почело снимањето на локациите.
-На пример, на подготовоките на филмот „Очи ширум затворени“ тој работеше околу 30 години. Тоа беше најтешкиот филм во неговата кариера и тој самиот го сметаше за свој придонес кон филмската уметност. Во почетокот имаше идеја главниот лик на еврејскиот лекар да го игра Вуди Ален, рече Харлан.
На прашањето дали соработката со Кјубрик била лесна, Харлан одговори дека „лесно“ не е релевантна категорија и дека Том Круз му кажал дека е сигурен дека веќе никогаш во животот нема да доживее ништо слично како што била работата со Кјубрик.
-Никол (Кидман) и Том го сакаа Кјубрик. Кога го работев мојот документарен филм за „Стенли Кјубрик: Живот во слики“, го прашав Том Круз дали би сакал да го чита текстот, затоа што сакав големо име, тој веднаш прифати, без размислување, заради почитта и љубовта кон Стенли, рече Харлан.
Тој раскажуваше дека со Кјубрик прв пат се сретнал 1963 година и не ни сонувал дека некогаш ќе работи со него, но потоа подобро го запознал кога сестра му се омажила за Кјубрик и кога тој работел со Артур Кларк на сценариото за филмот „ 2001: Одисеја во вселената“ и бил фасциниран од неговата личност.
-И тогаш сфатив дека научниците и уметниците се слични бидејќи никогаш не запираат, никогаш…бевме на вечера со Стенли и со Артур Кларк и тие зборуваа за милионите галаксии и ѕвезди, зборуваа за илјадниците планети и можноста на некоја планета да постои живот. Тогаш бев млад, не знаев многу за астрономијата, но ме фасцинираше нивниот разговор. Потоа заминав во Европа, живеев во Цирих, се оженив, добив деца, а тој се пресели во Англија. По шест години почнав да работам со него на проектот „Наполеон“ и си мислев: ќе работам со него само една година, но проектот не се оствари, а јас продолжив да работам со него уште 30 години до крајот на неговиот живот, истакна Харлан.
Одговорајќи на прашањата од публиката, Харлан рече дека е невозможно да се одговори зошто Кјубрик употребувал одредени изразни средства во своите дела, како на пример, зошто злото во филмот „Пеколен портокал“ е претставено со белата боја.
-Во моментот кога ќе почнете да интерпетирате веќе правите грешка. Тоа е како да го прашате Шагал зошто насликал магариња што летаат. Кјубрик слично ја употреби црвената боја во „Очи ширум затворени“.
За филмот „Full metal jacket“, Харлан рече дека тој не е конкретно посветен на војната во Виетнам, туку повеќе на секоја војна и поконкретно на перењето на мозоците на младите луѓе. „Стенли се обиде да најде актери на деветнаесетгодишна возраст, на кастингот прегледа околу 2000 снимки на актери од Чикаго, за да најде седум актери, најде само еден и се откажа. Актерите во филмот се постари и тоа не е реалистично бидејќи Морнарицата бара млади момчиња што може да ги тренира, а не формирани мажи. Стенли тука направи компромис заради тоа што најде соодветни актери шт може да го изразат тоа што тој сакаше да го покаже“.
Харлан кажа дека Кјубрик сакал да работи со истите луѓе, особено со неговиот директор на фотографија.
„Луѓето сакаа да работат со Кјубрик, тоа беше исклучителен процес на учење, тој не брзаше, работеше долго време што беше одлично за екипата и за актерите“
Кјубрик бил голем филмофил. „Тој обожуваше филмови, сакаше филмови што се сосема различни од неговите и тоа е карактеристика на сите големи уметници, Кјубрик ги сакаше филмовите на Карло Саура, Вуди Ален, Стивен Спилерг, режисери што праве сосема различни филмови од оние што тој ги правеше. Го сакаше Тарковски, но особено Кишловски и неговиот „Декалог“. Тој сакаше и многу да чита, кога ќе се заинтересираше за некоја тема, читаше се’ за тоа, на пример кога го подоготвуваше „Наполеон“, прочита речиси се’ што имаше за него. Омилени му беа Артур Шницлер, Чарлс Дикенс, класиците, Џејн Остин…тој постојано читаше.
На прашањето од публиката дали Кјубрик го режирал „лажното“ слетување на Месечината, Харлан одговори дека е тоа комплетна бесмислица.
Харлан рече дека она што најмногу го интересирало Кјубрик била политиката.
„Сите негови филмови, всушност, се политички. „Paths of Glory“, „Dr. Strangelove“, „2001 Одисеја“ е за манипулацијата. „„Full metal jacket“, „Очи ширум затворени“ и тие зборуваат за политиката. Ако ги анализирате, понекогаш тоа е поотворено, другпат не е. Се сеќавам кога почна војната во Ирак, тој гледаше телевизија и рече: се надевам не сум направил документарец, мислејќи на неговиот филм „Dr. Strangelove“.
Јан Харлан бил извршен продуцент на филмовите „Пеколен портокал“, “Очи широко затворени“, „Сјајење“, „Бери Линдон“, „Full Metal Jacket“ и други на легендарниот режисер Стенли Кјубрик. Тој е и извонреден познавач на делото на Кјубрик и автор на голема изложба посветена на Кјубрик.
Поводот за гостувањето на Харлан на „Скопје филм фестивал“ е првата македонска ретроспектива на еден од најголемите светски режисери која се одржува во рамки на фестивалската програма. Разговорот со Јан Харлан го водеше Гена Теодосиевска.
Програма на фестивалот за вторник 25.04
Кино Фросина
17:00h СЈАЕЊЕ/SHINING (1980)
Режија: Stanley Kubrick
UK/USA, 119 min
Улоги: Џек Николсон, Шели Дувал, Дени Лојд
Џек Торанс станува зимски домар во изолиран хотел во Колорадо, со надеж дека ќе ја надмине писателската блокада. Таму се сместува со сопругата Венди и синот Дени, кој страда од видовити претчувства. Додека на Џек не му оди пишувањето, а визиите на Дени се сè повознемирувачки, Џек ги открива мрачните тајни на хотелот и почнува да го тероризира своето семејство.
Наводно приказна за опседната куќа, успева да помине низ сложениот свет на почетно лудило, спектрално убиство и натприродни визии…а и ве тера да потскокнете од место.
20:00h НЕВИДЛИВИОТ ГОСТИН/THE INVISIBLE GUEST (2017)
Режија: Oriol Paulo
Spain, 104 min.
Улоги: Марио Касас, Барбара Лени, Ана Вагнер, Хозе Коронадо
Овој прекрасно снимен трилер на Ориол Пауло е продолжение на прославениот „Тело“ (2012). Сè му оди од рака на Адријан Дорија, човек што има сè. Неговиот бизнис му носи богатство, убава сопруга, прекрасно семејство – сето ова се урива кога ќе се разбуди во хотелска соба до телото на својата мртва љубовница.
Филмот изгледа прекрасно, со убава монохроматска палета на бои, полн со едноставни и добро структурирани кадри на кои контраст им прават снимките од шпанските планини и шумските патишта. Преку раскажувањето на Дорија сцените експертски се движат меѓу сегашноста и минатото, што го прави филмот флуиден. И како и секој добар трилер, напнатоста останува до самиот крај. Тој е врвен режисер, интелигентен филмаџија што го редефинира зборот перцепција. Пауло го интересираат теми како што се: променливата вистина, правдата и начинот на кој арогантните, моќни луѓе реагираат кога ќе ја загубат контролата врз животот, но многу повеќе сака да го задржи вниманието на гледачот и да го остави без здив – и тоа го прави навистина добро.
22:00h БЕСКОНЕЧНА ПОЕЗИЈА/ ENDLESS POETRY(2016)
Режија: Alejandro Jodorovsky
Chile/Japan/France, 128 min.
Улоги: Адан Ходоровски, Бронтис Ходоровски, Памела Флорес, Леандро Тауб
Магот на контракултурата, филмаџија и тарот фетишист Алехандро Ходоровски најде прекрасен нов наплив на енергија со полуавтобиографска филмска трилогија, луда како опиумски сон.
Ова е вториот дел, ако не сте го гледале првиот дел тогаш „Бесконечна поезија“ нема да ви биде многу логичен – но и да сте го гледале, пак нема да ви биде логичен, бидејќи во тоа и се состои шармот на Ходоровски.
Алехандро бега од домашната баналност и конзервативниот живот во боемска уметничка комуна во 40-тите години во Сантјаго и одлучува да стане поет спротивно на желбите на неговото конзервативно семејство. Мајката на Алехандро на оперски начин ги пее сите реплики од дијалогот, додека во текстилната продавница на неговиот бесчуствителен татко работаат нацистички офицер на штули и џуџе преправено во Адолф Хитлер. Алехандро се запознава со поетесата Стела Дијаз и за младиот писател тоа е љубов на прв поглед. Бизарната врска што следува е само една од нишките што го води младиот херој низ полусветот на Сантјаго и кон уметничко себеостварување.
Визуелната слика е силна, но пораката не е најсуптилна. Весело надреален, безбожен и анархистички по дух, филмот е освежувачки напад на сетилата.
Кинотека на Македонија
17:00 h ШПАНСКИ КРАТКИ ФИЛМОВИ
19:00 h КУЌАТА НА ВИЦЕКРАЛОТ / VICEROY’S HOUSE (2017)
Режија: Gurinder Chadha
Улоги: Gillian Anderson,Michael Gambon
India, UK 106 min.
Новата драма на Гуриндер Чада се занимава со голема тема – поделбата на Индија во 1947 и како британските службеници, кои работаат под раководство на последниот вицекрал на Индија, лорд Маунтбатен, ја решаваат судбината на милиони. Жената што стои зад филмот „Шутирај како Бекам“ (2001) бара одговорност од Британците за хуманитарната катастрофа предизвикана од поделбата на индискиот потконтинент .
Приказната е за лорд Маунтбатен, чија задача е да ја набљудува транзицијата на британска Индија во независност и за крајот на тривековното колонијално владеење. Тој и неговата сопруга се претставени како добронамерни и наивни марионети на Лондон на почетокот на Студената војна, кога Маунтбатен ќе се согласи на поделбата на потконтинентот меѓу Индија, со која доминираат хиндусите и муслимански Пакистан. Филмот ни овозможува да го доловиме секојдневниот живот во палатата непосредно пред заминувањето на Британците. Резиденцијата на вицекралот по малку наликува на Версај во предвечерјето на Француската револуција. Раскошот и екстравагантноста растат пред да им се стави крај засекогаш. Но наскоро сфаќаме дека хармоничното расположение во палатата е илузорно и дека насилните тензии во земјата се чувствуваат и во нејзините позлатени ходници.
21:00h ОВА Е НАШАТА ЗЕМЈА/ THIS IS OUR LAND (2017)
Режија:Lucas Belvaux
Улоги: Emilie Dequenne, André Dussolier
France/Belgium, 118 mins.
„Ова е наша земја“, како што вели самиот Белво, е филм за популистичката порака и за врската на луѓето, гласачите, со политиката. Клучната премиса на филмот е дека совршено пристојни, сочувствителни луѓе можат премногу лесно –речиси без да сфатат – да бидат заведени од расистичка параноја.
„Ова е наша земја“ го враќа Белво во центарот на вниманието: филмот е истовремено страстен политички став и сериозен, понекогаш преексплицитен, обид да се анализираат контрадикторностите за сегашниот подем на десницата. Драма која се обидува да ја анализира опасната привлечност на реакционерниот популизам, филмот го предизвика гневот на францускиот десничарски Национален фронт, кој смета дека тој ги оцрнува партијата и нејзината лидерка Марин Ле Пен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Три филмови од три различни програми денеска на Скопје филм фестивал
-
Нови македонски кратки филмови на Скопје филм фестивал
-
Режисерот Бојан Вулетиќ и актерката Мирјана Карановиќ утре доаѓаат на отворањето на Скопски филмски фестивал
-
„Реквием за госпоѓа Ј“ на Бојан Вулетиќ го отвора „Скопје филм фестивал“