| четврток, 6 декември 2018 |

Поглаварот на ИВЗ се шета со засилено обезбедување од МВР и тврди нема радикални исламисти во Македонија

Поглаварот на Исламската верска заедница тврди дека во Македонија нема радикални исламисти, но воедно признава дека тој побарал и добил засилено полициско обезбедување. Во интервју за Радио Слободна Европа, Реис ул Улема Сулејман ефенди Реџепи вели дека одредени личности кои биле третирани како радикали, тој ги примил во ИВЗ затоа што му рекле дека ја признаваат институцијата со која тој управува.

 

-Треба да ни верувате дека и ние некогаш се сомневавме и баравме од страна на надлежните да ни кажат дали има или не. Тие нè убедуваат дека нема такви структури. По извесно време се појавија, па дури јас се обратив до Министерството за внатрешни работи и побарав да ми одредат лице за мое лично обезбедување како Поглавар на ИВЗ и тие ми одредија тројца. Не бев уплашен, јас не се плашам, ама работите се такви, јас сум јавна личност, мене ми беше сугерирано и од некои странци тука во Македонија, дека треба да побарам од МВР. По извесно време некои луѓе кои ги третирале како радикални, велам ајде да видиме што размислуваат тие луѓе, ги поканив на разговор, гледам луѓето ги прашувам „Вие сакате да работите за ислам?, ми велат „да“. „Ја признавате институцијата Исламска верска заедница, нормативите, актите на чело со уставот на оваа заедница? Ми рекоа „да“. Е па тогаш повелете, ова не е моја приватна куќа. И од тука некој се налутил, вели Реџепи.

За поглаварот на ИВЗ не бил радикален исламист ниту гостиварецот кој загина во Сирија борејќи се против режимот на Башар ал Асад на страната на организацијата ЈАбхат ал Нусра. Џихадистичката група Западот ја третира како терористичка, а нејзиниот лидер пред повеќе од месец сам јавно изрази верност на Ал Каеда.

– Овој случај што го спомнавте, гостиварскиот, откога слушнав веднаш стапив во контакт со нашето муфтиство таму и прашав за карактеристиките на таа личност. Апсолутно не е во склоп на тоа што зборуваме, ниту може да биде предмет за разговор. Човекот не бил никогаш некој со радикална идеологија. Веројатно не е само тој, веројатно има многу луѓе, не само од Македонија, туку од секаде кои што сакаат да му помогнат за загрозениот народ во Сирија. И сега од која причина, со кои мотиви одат не знам, но целта им е тоа, тие се на страна на алијансата, на страна на западните сили. Но оваа личност од Гостивар врска нема со такво нешто, не држи тезата дека треба да ја поистоветиме со радикален ислам, не држи, смета поглаварот на ИВЗ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top