Долга е листата на производи, земјоделски и прехранбени, што Македонија може да ги заштити како традиционални. Кумановски суџук, Македонски колбас, Беровско сирење, Галички кашкавал, Бучимски кромид, Везени пиперки, Дојранска маслинка, Поточна пастрмка, Преспанска белвица, Матеница, Попара, Макало, Бабури со лук, Ќофтиња од икра, Струмичка мастика, Велешки пинџур, Салата од суви пиперки, Јагула на жар печена во пепел, Крап во тепсија, се само некои од нив.
Според проф. д-р Владимир Какуринов, ако Македонија сака да ги заштити своите традиционални производи, тоа треба да го стори час поскоро со оглед дека другите земји не чекаат и се многу ажурни на ова поле. Посебно интересна е Бугарија на чија листа за заштита се лутеницата и тиквеникот, производи кои ние ги сметаме за наши, македонски.
Од овие причини мора веднаш да се почне со работа и да се заштитат македонските традиционални производи, наведува професорот во Прирачникот за заштита на традиционални производи што го изготви како придонес кон руралниот развој.
Какуринов посочува табели на производи кои земјава може да ги заштити како ГТП – гарантирана традиционална посебност. Тие се поделени во категории на месни, сирења, јајца, мед, овошје, зеленчук, житарки, риби, ракови,…, свежи или преработени.
Меѓу производите за заштита се Македонски тенок колбас, Штипски колбас, Македонски колбас, Овчеполски колбас, Беровско сирење, Биено сирење, Галички кашкавал, Галичко сирење, Осоговски кашкавал, Трничко сирење, Шарски кашкавал, Ајвар, Беровски грав, Бабури со лук, Бучимски кромид, Везени пиперки, Велешки пинџур, Дојранска маслинка, Лутеница, Макало, Македонска салата, Охридска цреша, Пинџур, Солен пекмез, Тетовски грав, Тетовско јаболко, Вардарска вретенушка, Вардарски клен, Дојранска белвица, Дојранска перкија, Дојранска писа, Дојранска црвеноперка, Зимска пастрмка, Источна мренка,…
Од кондиторските, лебот, колачите, слатките, бисквитите, во табелите се наведени Горичка торта, Ирмици, Леб наутка, Охридска торта, Охридски ѓеврек, Селски леб, Сусамчиња, додека во групата тестенини: Бакардан, Валангии, Влашки тиганици, Зелник, Јуфки, Кравајче, Македонска погача, Македонска слатка пита,…
Во категоријата супи и чорби професорот ги сугерира: Супа од езерски риби, Шарпланинска јагнешка и Шкембе чорба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.