Во рамките на активностите за промоција на македонски производи и зголемување на македонскиот извоз, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, заедно со амбасадата во Шведска, а со поддршка на програмата „АгБиз“ на УСАИД, организираа студиска посета и деловни средби во Шведска за претставниците од вредносниот синџир за преработки од зеленчук.
Целта на посетата од 18 до 20 март беше презентирањето на македонските компании Ларс, Випро, Вори, Универзал промет и Бонум и да се зголеми пласманот на македонски производи на шведскиот пазар.
За време на престојот, петте македонски компании го посетија најголемиот малопродажен синџир во Скандинавија ICA – лидер во малопродажбата на прехранбени производи. Исто така се одржа промоција во „Гранд хотел“ во Стокхолм каде што беа претставени извозните потенцијали на Македонија пред претставници на најголемите маркети, увозници и дистрибутери на храна на шведскиот пазар.
– Основната цел на оваа активност беше да се посетат големите увозници/дистрибутери/продавачи на мало кои тргуваат со преработки од зеленчук, да се презентираат македонските производи и да се увиди можноста за поголем извоз на нашите производи во Шведска. Тргнувајќи од фактот дека првите импресии се повеќе од позитивни, сметаме дека посетата беше многу успешна и ќе овозможи воспоставување нови деловни контакти и зголемен извоз на нашите традиционални производи во Шведска – изјавија претставниците на македонските компании.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.