За помалку од еден месец, Македонија по 17. пат ќе испрати свој претставник на „Евровизија“. Во украинската престолнина Киев на 11 мај во првата половина од второто полуфинале Јана Бурческа ќе ја изведе „Dance alone“, песна која по долго време кај публиката влева малку надеж за успех.
Песната засега добро котира на евровизиските обложувачници, чиишто прогнози, пак, за Македонија никогаш не се покажале како точни. Но, од друга страна, „Dance alone“ е една од најдоброприфатените македонски евровизиски песни меѓу домашната публика. Според коментарите на социјалните мрежи и според официјалното видео на „Јутјуб“, каде што песната досега е прегледана рекордни 1,7 милион пати, имаме одлично спакуван производ, па во случај нашите надежи да не се исполнат, барем ќе заминеме со кренати глави.
Но, голем е бројот и на тие што воопшто не се возбудуваат за „Евровизија“. Тоа го докажуваат и резултатите на анкетата спроведена од веб-сајтот „Република“, а во која во текот на две недели се гласаше на прашањето: Какви ни се шансите годинава на „Евровизија“?
Според анкетата, голем дел од македонската публика веќе воопшто не го гледа овој музички фестивал. Една третина од вкупниот број што одговориле на анкетното прашање, се изјасниле дека одамна не следат „Евровизија“. Поточно, од вкупно 1.607 гласови, тоа го одговориле 531 лице, односно 33 отсто од испитаниците.
Меѓу останатите седум понудени одговори, дури 27 отсто од испитаниците сметаат дека песната е одлична, но дека целиот фестивал се заснова на политика и дека Македонија повторно нема шанси за победа.
Голем е и бројот на тие што сметаат дека ако песната не нѐ ни донесе победа или пласман меѓу првите десет, сигурно ќе нѐ одведе до финале, нешто што сѐ поретко им успева на македонските претставници.
Анкета на „Република“: Какви ни се шансите на „Евровизија 2017“?
-
Одамна не гледам „Евровизија“ (33%, 531 глас)
-
Песната е одлична, но „Евровизија“ е политика (27%, 441 глас)
-
Дефинитивно меѓу првите десет (10%, 160 гласа)
-
„Евровизија 2018“ ќе биде во Скопје! (8%, 127 гласа)
-
Не ни бега барем финале (6%, 102 гласа)
-
Звучи добро, но не знам како ќе се покажеме (6%, 100 гласа)
-
Немаме шанси, МРТВ лошо одбра и годинава (6%, 92 гласа)
-
Воопшто не ми се допаѓа (3%, 52 гласа)
Вкупно гласале: 1.607
Во 2014 година и Македонската радио-телевизија, како носител на лиценцата за учество на фестивалот, спроведе голема анкета за „Евровизија“, за, како што наведоа, да го слушне мислењето на народот. Шест недели јавноста гласаше за тоа на кој начин треба да се избира претставникот на Македонија, дали тоа да е внатрешна селекција и одлука на самата МРТВ или, пак, за Европа да патува победникот од „Скопски фестивал“. Третата опција, со која се нудеше целосно откажување од понатамошно учество на нашата земја (на што неколку земји во тој период се одлучија), доби најголем број од гласовите.
Повеќе од 40 проценти од испитаниците сметале дека за Македонија веќе нема место на тој фестивал и дека секоја година огромната сума за учество и за промоција, буквално, се фрла попусто.
Но, за македонскиот национален сервис токму останатите одговори, за тоа како треба да се избира претставникот, значат дека јавноста, сепак, не сака да крене раце од „Евровизија“ и без оглед на сѐ има верба и желба да ја види Македонија на големата сцена, пред очите на европското семејство и светот.
Така, во 2015 година, со одлука на МРТВ, претставник на „Евровизија“ беше победникот од „Скопски фестивал“, во пакет со победничката песна. Очекувано, тоа беше миленикот на публиката Даниел Кајмакоски, кој само неколку месеци порано триумфираше на регионалниот „Икс-фактор“ и беше во пикот на својата популарност.
Тоа не му помогна со конечниот резултат, при што неговата „Лисја есенски“ го освои 15. место во полуфиналето и не стигна до финалето. Кајмакоски, сепак, ќе остане запишан во македонската евровизиска историја како единствениот претставник што парите наменети за промоција не сакаше да ги искористи за нивната вистинска намена, туку со нив купи апарат за Детската клиника во Скопје.
Поради скандалите поврзани со обидот за местење на „Скопски фестивал“, следната година МРТВ се врати на принципот на избирање претставник зад затворени врати.
И македонските композитори се изморија од „Евровизија“
По изборот на Јана Бурческа, МРТВ отвори конкурс за песната со која таа ќе нѐ претставува. Годинава првпат конкурсот беше отворен за сите композитори, а не само за македонските автори.
Тоа резултираше со повеќе од 250 композиции пристигнати на адресата на МРТВ, од кои поголемиот број беа на странски автори, односно околу 200 од композициите.
Продуктот на Хоаким Персон, Алекс Омар, Флоренс А. и Боби-Леон Миланов, сите дел од „Симфоникс интернешнел“ (SYMPHONIX INTERNATIONAL), веднаш им влегол во уво и на Јана на целиот евровизиски тим. Така„Dance alone“ патува на 62. „Евровизија“.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 241. број на неделникот „Република“, 13.04.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.