| четврток, 6 декември 2018 |

Анкета: Македонците имаат позитивно мислење за Србија, а негативно за Косово, Албанија и Грција

Од вкупно анкетираните, 54,5 процетни сметаат дека во моментот некоја држава претставува закана за Македонија, а најголем дел од нив ја посочиле Грција, по што следуваат САД и Косово

Македонските граѓани имаат позитивно мислење за соседна Србија и Бугарија, а негативно за Косово, Албанија и за Грција, покажува истражувањето што го спроведе Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во периодот од 16 до 21 декември.

Според резултатите од телефонската анкета, 42,3 проценти од испитаниците одговориле дека имаат многу позитивно мислење за Србија, а донекаде позитивно 28,7. За Бугарија многу позитивно е 25,8, а донекаде позитивно 30,7.

Многу негативно мислење за Косово искажале 33,3 отсто од испитаниците, донекаде негативно 22,4 проценти. За Грција многу негативно мислење имаат 28,7 проценти, а донекаде негативно 24,7 проценти. Многу негативно за Албанија се изјасниле 32,8, а донекаде негативно 19 проценти.

Од државите во светот, македонските граѓани најпозитивно мислење имаат за Германија, Холандија, а најнегативно за САД и Русија. Позитивно се настроени и кон Турција.

Од вкупно анкетираните, 54,5 процетни сметаат дека во моментот некоја држава претставува закана за Македонија, а најголем дел од нив ја посочиле Грција, по што следуваат САД и Косово.

Најголем дел од анкетираните (27,9) не знаат во која соседна држава би сакале да живеат една година, а 27,2 проценти ја посочиле Србија. Најмалку сакаат да живеат во Косово и во Грција.

Со анкетата биле опфатени 1.113 полнолетни испитаници на ниво на држава.

Резултатите од истражувањето ќе бидат објавени во три дела во следните неколку дена.

Истражувањето е направено во соработка со Универзитетот Колумбија од Њујорк, преку проект финансиран од Норвешката влада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top