Господинот Рамон Абароа Каранса дипломатската кариера ја почна во 1996 година, кога е именуван за културно аташе во Амбасадата на Кралство Шпанија во Лондон (В. Британија), има работено и во Абу Даби (ОАЕ), во Мароко, а од пред четири години е амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија. За „Република“, покрај професионалната страна, амбасадорот ја открива и другата страна од својот престој овде, тој вели дека во Македонија луѓето се секогаш отворени за пријателство, тука се чувствува како дома. Немал тешкотии при новиот начин на живот бидејки, како што вели, не е многу поинаков од животот во Шпанија. Зборува четири странски јазици, а го учи и македонскиот. Ја сака македонската кујна, а за Охрид вели дека е извонреден град, место што мора да се види и со задоволство им го препорачува на пријателите
Доаѓате од земја што има поинаква култура и традиција од Македонија. Како успеавте да се приспособите на животот овде?
Немав тешкотии да го адаптирам мојот начин на живеење овде. Во Македонија секогаш се чувствувам како да сум дома. Секогаш се чувствував како во Европа и не почувствував дека животот овде е толку различен.
Имате ли пријатели меѓу Македонците? Кое е Вашето мислење за македонскиот народ?
Секако дека имам пријатели овде. Луѓето се многу добри, течно зборуваат англиски и се секогаш отворени за ново пријателство.
Колку Шпанците се разликуваат од луѓето овде?
Македонскиот народ не е многу поинаков од шпанскиот. И двата народа сме југоисточни Европејци и луѓе од Медитеранот. Луѓето се вистински пријатели овде, уживаат во животот, сакаат да се дружат, имаат убав социјален живот и знаат квалитетно да го поминат своето слободно време надвор.
Зборувате англиски и француски јазик. Тешко ли е да се научи македонскиот јазик?
Да, иако јас навистина научив малку да зборувам македонски. Како и да е, сите што сум ги сретнал досега во оваа земја добро зборуваат англиски. Затоа, за жал, јас го немам научено македонскиот јазик до степен до кој би сакал бидејќи досега немав почувствувано голема потреба од него.
Колку имате слободно време за да ја истражите Македонија?
Сум патувал низ Македонија интензивно, но јас сум многу зафатен тука, па не сум патувал толку колку што би сакал навистина.
Кое е местото, кое, според Вашето мислење, мора да го посети секој што доаѓа во Македонија?
Дефинитивно, местото што секој треба да го посети во Македонија е градот Охрид, каде што може да ужива и во убавините на Охридско Езеро. Тоа е место што јас искрено им го препорачувам на сите мои пријатели во Шпанија. Тоа е уникатно место, извонредно.
Што мислите за македонската кујна? Ви се допаѓа ли македонската храна?
Да, многу ја сакам македонската кујна. Посебно вашите свежи продукти. Вкусот на македонското овошје и зеленчук е прекрасен.
Веќе четири години сте во Македонија, Ви недостига ли родната земја?
Ми недостига мојата родна земја, тоа е нормално. Како и да е, тука, навистина, се чувствувам како дома. Ги запознав вашата убава земја и луѓето. Животот во Скопје е комотен и лесен. Има убави места за да се посетат, убави нешта да се видат, убави продавници, одлични ресторани, возбудливи кафулиња и места што кога ќе се посетат можат да ти го направат живото вреден за уживање.
Кога дојдовте во Македонија рековте дека додека сте амбасадор саката да се воведе директен авионски лет од земјава до Шпанија, со цел да се засилат туристичките односи меѓу двете земји, денеска имаме директен лет Скопје – Барселона, сметате ли дека на ваков начин се засилуваат и пријателските, културни односи меѓу двете земји?
Летот Скопје – Барселона, навистина, ги засили нашите дипломатски односи. Понекогаш слушам сонародници што зборуваат шпански на улиците низ Скопје, што, навистина, ме прави среќен и изнудува насмевка на моето лице. Имам сознанија и дека ќе има директен лет од Скопје до Мадрид наскоро, тоа ќе биде прекрасно.
Што откако ќе заврши Вашиот мандат, би ја посетиле ли повторно Македонија?
Да, се разбира дека ќе се вратам. Се надевам дека кога ќе ми заврши мандатот ќе оставам многу пријатели овде. Тоа ќе биде причина да се вратам и да ги посетам. И, секако, ќе продолжам да ги следам животот и настаните што ќе се случуваат во Македонија.
Пишува:К.Н.К
(Текстот е објавен во 239 број на Неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!