Анушка Шанкар денес е една од водечките фигури на т.н. музика на светот. Нејзиното творештво влече корени од индиската класична музика, како и од музиката на нејзиниот татко, легендарниот Рави Шанкар, кај кого таа се школува од својата девета година. Како композитор, таа ја истражува плодната синтеза на индиската музика со разни музички жанрови, како: фламенко, електроника, џез и класична музика. Анушка Шанкар двапати е номинирана за престижната награда „Греми“, а беше и најмладата музичарка и прва жена во историјата на „Греми“ номинирана во категоријата музика на светот, за нејзиниот албум „Live at Carnegie Hall“ (2002), а подоцна и прв музичар од Индија што бележи настап на доделувањето на наградите „Греми“ (2006) кога беше номинирана за албумот „Rise“.
Во 2011 година, познатата германска етикета „Дојче грамофон“ го издаде нејзиното шесто цеде-издание „Traveller“, што ѝ ја донесе титулата најдобар музичар од страна на магазинот „Сонглајнс“, како и номинацијата за наградата „Греми“ во категоријата најдобар албум со музика од светот. Трагајќи по корените на фламенко музиката во традицијата на индиските Раџастани Роми, во создавањето на „Патувач“ учествуваат индиски и фламенко музичари.
Програмата на дванаесеттото издание на „Оф-фест“ носи шест богати фестивалски вечери, во кои ќе настапат познати и значајни музичари од Индија, Шпанија, Јужна Кореја, Турција, Колумбија, Велика Британија, Мароко, Сенегал, Финска, Словенија и од Македонија, а ќе биде прикажан и еден музички документарен филм.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.