| четврток, 6 декември 2018 |

Кимо Похјонен и ансамблот „Тори“ за крај на „Оф-фест“

Со концертите на авангардниот фински хармоникаш Кимо Похјонен и ансамблот „Тори“ од Јужна Кореја, кои ќе се одржат вечерва во Македонската опера и балет, од 20 часот, завршува овогодишното издание на „Оф-фест“.

Кимо Похјонен гостуваше на „Скопски џез-фестивал“ во 2002 година заедно со Самули Косминен и остави силен впечаток со својата авангардна појава. Од 1996 година наваму, по многубројните проекти во областа на фолк, денс, театарската и авангардната музика, Кимо Похјонен се фокусира на својот соло-проект составен од екстремни и оригинални композиции, миди-електрична хармоника изработена по негова мера, семплови во живо и ефекти, динамична сценска изведба, специјално осветлување и звук. Дизајнот на светлото и звукот се клучни елементи во неговиот перформанс, што го прави настанот извонредно стимулативен, како од визуелна, така и од звучна перспектива.

„Тори ансамбл“, пак, својата музичка традиција ја интерпретира трагајќи по нови модели и ја комбинира со западните музички дијалекти. Посветувајќи се на врвното музицирање, на песните со корејско потекло и на блескавите импровизации, овој мошне интересен квартет создава стара и нова музика од некои далечни предели.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top