Министерството за надворешни работи преку Амбасадата во Мадрид побара од шпанското МНР и Министерството за внатрешни работи на Кралството Шпанија потврда на информациите објавени во шпанските медиуми за наводно апсење на Почесниот конзул на РМ во Барселона, Марио Деус.
По добивање на соодветни информации, соопштуваат од МНР, ќе бидат разгледани опциите за одземање, односно задржување на неговиот статус Почесен конзул на РМ во Кралството Шпанија.
Деус, според медиумите, е уапсен и осомничен за убиство на неговите две малолетни деца во Кејптаун, Јужна Африка.
Според деталите од јужноафриканската полиција, телата на тригодишните близнаци, момче и девојче, ги пронашла нивната мајка Ј.Е. која е швајцарска државјанка во летната резиденција на Деус во Хоунг Беј, блиску Кејптаун. Кога таа стигнала во вилата, Деус влегол во нејзиното возило и побегнал, но подоцна бил уапсен во Кејптаун.
Како што пренесуваат Ел Паис и Еуропа прес, истрагата се уште не го соопштила мотивот за ова злосторство, а не се разјаснети ниту околностите под кои тоа е извршено.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.