Американската армија ја нападна Сирија, истрелувајќи 59 ракети од типот „Томахавк“, денеска рано изутрина. Гранатиран била воено-воздушна база во провинцијата Хомс, во западниот дел од земјата, под контрола на силите на претседателот Башар Асад, а нападот бил извршен од воени бродови во Средоземното море, во околу 08.45 часот по американско источно време. За време на гранатирањето во сириската база имало и руски воени сили.
Ова е прв пат, од ноември лани, армијата на САД, да користи ваков вид на оружје во напади во Сирија. Нападот бил извршен по наредба на претседателот Доналд Трамп. „Дејли Експрес“ објавува дека за своите први 77 дена од мандатот, Трамп презел повеќе дејствија против Башар Асад, отколку Барак Обама за своите осум години на власт.
Воениот напад на американската армија се случи кусо време откако Русија ги предупреди САД да не извршуваат воздушни удари против претседателот Башар Асад. Според Ен-Би-Си гранатирањето бил извршено како одговор на инцидентот со хемиско оружје во вторникот, за кое САД го обвинува Башар Асад, а во кој загинаа околу 100 лица. САД сметаат дека нападот со хемиско оружје бил извршен токму од аеродромот во базата, која ја гранатираа.
А на новинарско прашање дали Трамп може да изврши напад во Сирија, заменикот на постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации, Владимир Сафронков изјавил:
Помислете на негативните последици. Ние треба да мислиме за негативните последици и за целата одговорност, ако има воени дејствија, и ќе им тежат на оние, кои ги иницирале, дополнил Сафронков.
Во ракетниот напад на армијата на САД загинале најмалку четири лица и биле урнати неколку објекти во базата, јавува „Франс Прес“. Исто така, целосно била уништена пистата на аеродромот, резервоарите за гориво и противвоздушниот систем за одбрана. САД тврдат дека ја предупредиле Русија дека нивната армија ќе ја нападне Сирија.
Руските сили беа навремено предупредени за ракетниот напад, врз одредени цели. Американските воени стратези презедоа мерки да го минимизираат ризикот за рускиот и сирискиот персонал, стациониран на аеродромот, соопшти Пентагон.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека лично тој наредил ракетен напад врз сирискиот аеродром, од каде претходно, според него, бил извршен нападот со хемиско оружје. Трамп тврди дека Башар Асад користел оружје со смртоносен невропаралитичен гас, за да убие многу Сиријци и дополнил дека воениот напад е „во интерес на националната безбедност на САД“. Тој ги повика сите „цивилизирани земји“ да ги сопрат крвопролевањата и убиствата во Сирија.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, пак, нападот го смета за агресија врз суверена држава, изјавил портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јавува новинската агеницја ИТАР-TACC.
Москва соопшти дека тоа може да доведе до стопирање на соработката меѓу руските и американските воени сили во Сирија, бидејќи Вашингтон не се консултирал со Москва. Ова за РИА „Новости“ го изјавил претседателот на комисијата за одбрана и безбедност во Советот на федерацијата, Виктор Озеров.
Истовремено американскиот државен секретар Рекс Тилерсон соопштил дека сојузниците на Вашингтон го поддржале ракетниот напад и потврдил дека САД не контактирале пред дејствието со политичкото раководство во Москва.
Поддршка за САД експресно брзо пристигна од Велика Британија, од Израел и од Германија. Целосна поддршка дава Велика Британија за ракетниот напад, кој САД ги извршија врз воено-воздушната база во западната сириска провинција Хомс, јави „Ројтерс“, пренесува Нетпрес. Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху и лидерот на израелската опозиција, Исаак Херцог, ја поздравија „силната и важна“ порака, која САД ја испратија до сирискиот режим со ракетниот напад врз базат во провинцијата Хомс, објави весникот „Тајмс оф Израел“, пренесува Нетпрес. И опозициската сириска „Национална коалиција“, исто така, го поздрави нападот на американската армија и ги повика САД да продолжат со дејствија против воените капацитети на сирискиот претседател, Башар Асад.
Министерот за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел, го оцени како „разбирачки“ американскиот ракетен напад врз Сирија, објави „Билд“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)