На почетокот сме на уште едно издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, и тоа јубилејно. Од оваа дистанца, каков е Вашиот впечаток воопшто за досегашните изданија? Задоволни ли сте од постигнатото?
Костиќ: Секако дека сме задоволни и ова е, можеби, само одличен почеток за да се развива нашата главна мисија со Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, а тоа е да се подигне свеста за значењето на независната театарска продукција во нашата земја. Од година во година фестивалот „Лица без маски“ се развиваше во таа смисла и нескромно е ако кажам дека навистина сме среќни што покрај независниот „Театар 007“, кој воедно е и организатор на фестивалот, се појавуваат и уште голем број независни театри во нашата земја, кои негуваат алтернативна и експериментална естетика во своите дела. Секако дека задоволството е големо ако се имаат предвид и многубројните размени на искуства. Претставите што во изминатите години гостувале на нашиот фестивал со себе носеле свежина во идејното промислување на театарот, естетска и содржинска различност, која во голема мера се применува и во македонските независни театарски институции. Верувам дека и по десетте години фестивалот „Лица без маски“, кој полека но сигурно станува препознатливо име, особено кај помладата публика и театарските работници, ќе се развива во насока на промовирање инвентивност и оригиналност во театарската продукција.
Секоја година беше забележително присуството на гости од странство: Србија, Грција, Русија, Романија, Италија.., кои настапија на повеќе сцени во Скопје. И годинава има гости од странство. Тешко ли е да се изменаџира сето тоа?
Костиќ: Секогаш е предизвик да се менаџира фестивал како што е „Лица без маски“. Како организација се трудиме од година во година да ја „изненадуваме“ публиката со театарски продукции што значат многу во светот на независното театарско творештво. Македонската публика во изминатите години имаше чест да види различни претстави со нова естетика и содржини, иако често било, навистина, тешко да се донесат на фестивалот. Дел од гостувачките театри, кои, секако, творат независно, често се случува во последен момент да наидат на финансиски пречки, кои се причина за нивното откажување, но соработката со нив продолжила за наредните години. Убаво е чувството кога како домаќини на голема бројка учесници ќе се обезбедат непречени услови за нивно презентирање. Нашиот фестивал е, можеби, единствениот што на сите гостувачки театри им овозможува петдневен престој во Скопје и во тие пет дена сите гости се заедно, учествуваат на меѓусебните работилници, разменуваат искуства, се здобиваат со нови пријателства, а имало и примери каде што се остваруваат и нови меѓусебни копродукции и друг вид соработка меѓу театрите. Покрај меѓусебното натпреварување и „борбата“ за една од трите награди, секогаш на фестивалот во изминатите десет години се раѓале и нови идеи за нови проекти и театарски мисии, кои до ден денес функционираат. Менаџирањето на сето тоа не е лесно, но е доволно провокативно ако знаеме дека крајната цел и мисија има општествена одговорност и значење.
Фестивалот е наменет за професионална независна театарска продукција, чијшто интерес е алтернативниот и експериментален театарски израз. Каков е приемот на претставите кај публиката?
Костиќ: Од година во година бројката на посетители на претставите што се од официјалната натпреварувачка програма на „Лица без маски“ е сѐ поголема. Голем број млади театарски работници што биле дел од фестивалот во својата работа веќе применуваат техники и методи што биле покажани како новитет во дел од претставите што гостувале на „Лица без маски“. Тоа што го прави фестивалот посебен во изминатите 10 години се и работилниците што ги водат режисерите на гостувачките театри, така што голем број наши театарски работници што ги посетувале здобиле нови искуства во методологијата на работа на претстави. Токму таа цел: размената на искуства ја постигнавме во изминатите 10 години и верувам дека со уште позасилено темпо ќе продолжи и во иднина. Нашата мисија да ѝ понудиме на македонската публика поинакви претстави, кои не можат да се видат секојдневно во нашата земја, ја исполнуваме доследно. Од година во година се чувствува развојот на фестивалот и фактот дека публиката го препознава името што го создаваме со „Лица без маски“. Убаво е чувството кога „растете едно дете“, а за сето тоа добивате повратна реакција од публиката, што, впрочем, е потврда за успешноста на фестивалот.
Што носи десеттото, јубилејно издание на фестивалот „Лица без маски“. Има ли некакви изненадувања…?
Костиќ: Годинава во чест на јубилејот решивме да создадеме програма што тематски кореспондира со, за жал, суровата реалност што ја живее човекот, генерално. Претставите што се дел од официјалната натпреварувачка програма, помалку или повеќе се политички ангажирани, сатирични и иронични во промислувањето на темата за конспирациите и за игрите на „моќниците“ што ги прават за контрола на масата народ. За првпат на нашиот фестивал годинава ќе гостува „Кендра мултимедија“ од Косово, кои доаѓаат со една од своите последни продукции „Претстава за четири актери, неколку свињи…“ работена по текст на истакнатиот Јетон Незирај, а во режија на Блерта Незирај, која во изминатата година ги освои симпатиите на многубројни фестивали во Европа. Оваа претстава што жанровски е определена како политичка сатира, зборува за актуелното прашање: што понатаму по излегувањето на Велика Британија од ЕУ. На ироничен и саркастичен начин е претставена европската бирократизираност во која обичниот човек е само обична бројка и системот низ кој поминува е сличен на кафканијанскиот систем на живеење. Таквото „политичко“ ангажирање на претставите е видливо и во „Фармата“ работена според Џ. Орвел на италијанскиот театар „Софија Амендолеја“, кој во 2014 година беше победник на ИТФ „Лица без маски“. На програмата се и уникатните претстави „Ноќта на огнот“, работена според Е. Е. Шмит, во режија на Марина Дрен, од „32. Физички театар“ од Русија и исклучително квалитетната „Сѐ на масата“, работена според дела на Чарлс Буковски, а во режија на Ана Батева, на гостите од Бугарија. Во рамките на натпреварувачката програма имаме и документарни театарски претстави од македонската независна продукција како што се: „Да ми го поздравиш и бациш“, во режија на Билјана Радиноска, а во изведба на театарот „Атропија“, кој во изминатата година привлече големо внимание кај македонската публика, „Скршената стомна“, во режија на Софија Ристевска и една хит-комедија „Прво ќе ме земеш, а после ќе ме…“ на театарот „Крик“, а во режија на Ѓорѓи Ризески.
Искрено верувам дека програмата што годинава ја создадовме и е во знакот на јубилејот е квалитетна и привлечна за публиката, не само од тематско-содржински аспект, туку и како визуелни претстави, кои ќе се паметат. Исто така, верувам дека жири-комисијата годинава ќе има, навистина, тешка задача да ги додели трите награди: Гранд-при за најдобра претстава во целина, наградата за најдобра режија и наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот.
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 240. број на неделникот „Република“, 7.4.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.