Карло Анчелоти има сериозна причина за загриженост откако Роберт Левандовски се пожали на повреда и не можеше да го доработи денешниот тренинг на Баерн Минхен. Како што јавува весникот Билд, полскиот голгетер го повреди мускулот и остана да лежи на теренот при тренинг-меч „седум на седум“. Иако неколку минути подоцна се обидел да продолжи, Левандовски повторно почувствувал болка, по што се упатил кон соблекувалните.
Повредата на најдобриот стрелец доаѓа во најлош можен момент за актуелниот првак на Германија, ако се знае дека Баерн в сабота ќе го пречека големиот ривал Борусија Дортмунд во рамките од Бундес лигата, а потоа ќе следи и двомечот од Лигата на шампионите против Реал Мадрид. Доколку се реализираат стравувањата дека станува збор за посериозно истегнување или пак кинење на мускулот, тоа ќе значи пауза од најмалку 20 дена и пропуштање на двомечот со Реал, со што значително би се намалиле шансите на баварскиот гигант за успех и пласман во полуфиналето.
Во ситуација кога нема резервен класичен напаѓач, Анчелоти ќе биде принуден како најистурен играч во офанзивата да го уфрли Томас Милер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.