Германската компанија за производство на седишта за автобуси и возови „Франц Кил“ ќе инвестира во тетовско Желино. Во почетокот ќе произведува седишта за автобуси за потребите на белгиската компанија „Ванхол“ која веќе работи во Македонија, а потоа се планира производството да се пласира и во Европа, Азија, Америка и други светски пазари.
Во првата фаза ќе бидат отворени 60 работни места, а во иднина бројката на нови работни места да достигне до 350. Вкупната инвестиција се проценува од 6 до 7 милиони евра.
Инвестицијата денеска во Скопје ја најави извршниот директор на компанијата Герхард Хелвек, кој рече дека ќе започнат со браунфилд инвестиција во постоечки објект почнувајќи со работа од 1 јуни.
Тој истакна дека одлучиле да инвестираат во Македонија поради економската стабилност и едукацијата на кадарот.
– Севкупниот пристап на Македонија во текот на годините е да биде демократска земја и сосема е можно да има промена на политички партии и влади поради избори. Ние не гледаме на период од 5-6 години, туку на период од 20 години така што е сосема нормално дека се можни промени. Многу поважна е стабилноста која што ние ја увидовме во пристапот кон индустријата што влегува во Македонија, почнувајќи со добар образовен систем. Има многу студенти во многу полиња во Скопје и Тетово и јас сум импресиониран. Позитивно гледам на иднината бидејќи веруваме дека едукацијата и луѓето се најголемата инвестиција на оваа земја и за компаниите, како и основа за успех. Затоа не сме многу врзани со политичкиот аспект, но секако индустријата има потреба од стабилност за да се воспостави процесот- истакна Хелвек.
Според директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо, ваквите инвестиции се дополнителен ефект од веќе постоечките компании кои инвестирале во Македонија.
– Во овој случај имаме уште една компанија која доаѓа како добавувач на „Ван хол“ што значи дека го гледаме дополнителниот ефект од веќе постоечките инвеститори кои работат во Македонија и го прошируваат своето производство, полека да ги носат и своите добавувачи- нагласи Мизо.
Во иднина се планира да се произведуваат и седишта за железничката индустрија со што се очекува Македонија да има директен извоз и за Европа, Азија и за САД.
Првите контакти со компанијата се направени во декември 2015 година со поддршка од компанијата за производство на автобуси „Ван хул“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Турската „Чагатај Кабло“ во Бунарџик ќе произведува кабли за автобусите на „Ван Хол“
-
Отворен нов погон во зоната кај Алинци, инвестиција вредна 1,2 милиона евра
-
Груевски: Денес почнува со работа компанијата „Акомпласт“, инвестиција која ќе креира 300 нови работни места
-
Груевски: ОДВ Електрик го стартува новиот објект во зоната Охрид- Струга, инвестиција на која долго работевме