| четврток, 6 декември 2018 |

Што точно пишува во Декларацијата за заедничкиот јазик на Хрватите, Србите, Босанците и Црногорците?

Во Сараево денеска ќе биде претставена Декларацијата за заедничкиот јазик, документ кој, како што можеше да се очекува, ги возбуди духовите и веќе пред да биде официјално објавен, ја подели јавноста на групи кои се за и против.

Декларацијата досега ја потпишаа над 200 луѓе – лингвисти и писатели, но и активисти, уметници од разни профили. Во составувањето на текстот учествувале 30 експерти од разни профили од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

„На прашањето дали во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Србија се употребува заедничкиот јазик – одговорот е потврден.

Станува збор за заеднички стандарден јазик од полицентричен тип, т.е. за јазик кој го зборуваат повеќе народи во повеќе држави со препознатливи варијанти, какви што се германскиот, англискиот, арапскиот, францускиот, шпанскиот, португалскиот и многу други… Користењето на четири имиња за стандардни варијанти – босански, црногорски, хрватски и српски – не значи дека тоа се и четири различни јазици” – стои во Декларацијата во која меѓу другото се повикува на „итно укинување на сите форми на сегрегација и дискриминација во образовните институции, спречување на вештачко раздвојување на јазикот, престанок на ригидно дефинирање на стандардните варијанти и либерализација на јазичните пракси”.

133632618

Неприродна состојба

Игор Штикс, еден од потписниците, објаснува: „Не е целта Декларацијата да повикува на создавање на единствен јазик, туку токму спротивното, Декларацијата вели дека се работи за полицентричен јазик чие богатство треба да се дозволи слободно да се развива. Декларацијата е против националистичките манипулации со јазикот и идејата дека јазиците мора да се одвојуваат за да се зацврстат одвоените национални идентитети, дека народот и јазикот мора да се совпаѓаат, смета дека тоа е непотребно и дека богатството на сите четири јазици е во фактот дека имаат една заедничка лингвистичка основа”.

Прашана да ја прокоментира Декларацијата, министерката за култура Нина Обуљен Коржинек рече дека не е одблиску запозната со неа и дека не и е јасно во која насока оди таа иницијатива. „Неодамна прославивме голема годишнина на Декларацијата за хрватскиот јазик па претпоставувам дека ова е политичка иницијатива која и на тоа сака да реферира. Во секој случај, како што знаеме низ историјата, Хрватите зборувале и пишувале на хрватски јазик, а хрватските писатели од секогаш зборувале дека пишуваат на хрватски јазик, откако хрватскиот јазик стана официјален. Прашањето за заеднички јазик е политичка конструкција која дојде со една држава во 45-та година и всушност никогаш во реалноста не заживеа. Тој се нарекуваше српско-хрватски јазик, но сите ние во училиште учевме хрватски и пишувавме на хрватски. Не ми е јасно која е целта денес да се покренува ваква иницијатива”.

Еден од нејзините иницијатори, белградскиот писател Владимир Арсенијевиќ, објаснува дека Декларацијата настанала како резултат на серија на регионални конференции кои се одржуваа под името „Јазиците и национализмите”, а „се покренаа поради чувството дека се наоѓаме во неприродна состојба во регионот каде идентитетските политики доминираат над лингвистичката наука”.

Здружението Крокодил, кое го води Арсенијевиќ, проектот од кој настана Декларацијата беше покренат во соработка со партнерите, сплитското Здружение Курс, ПЕН Центарот од Сараево и подгоричкиот Центар за граѓанско образование. Арсенијевиќ коментира: „Крајната цел не е само декларацијата, туку и поширока иницијатива да се намали и спречи штетата која постојано ја произведуваат националистичките идентитетските политики во регионот. Тоа можеби најмногу се гледа во образованието во БиХ, во тој проект Две училишта под еден покрив, е всушност проект за производство на идни непријатели”.

Виенскиот договор

Директорот на Институтот за хрватски јазик Жељко Јозиќ, прашан за мислење одговори: „Сметам дека многу незаслужени бури подигна оваа цела акција. Многу бомбастично најавена со потписи на многу новинари и уметници од книжевноста, филмот и театарот од овие простори, самата Декларација е своевиден одговор на сосема примерното одбележување на 50-годишнината на Декларацијата за името и положбата на хрватскиот литературен јазик на чија основа е, како што истакнуваат некои иницијатори, иако тоа не е точно. Сметам дека Декларацијата за заеднички јазик е врз основа на Виенскиот литературен договор кој е потпишан пред 167 години токму на 28 март во 1850 година, бидејќи и еден друг документ поаѓа од истата претпоставка: Хрватите и останатите народи зборуваат на заеднички јазик”.

Утната акција?

„Во Декларацијата за заедничкиот јазик сите зборуваат на тој заеднички јазик, но тој нема име иако на секој корисник му остава можност секој својот јазик да го именува како што сака. Како тоа сега да не е случај. На последниот попис на населението во 2011 година секој граѓанин на РХ можеше да се изјасни на кој јазик зборува, па така 95,60 отсто од нив за свој мајчин јазик го избраа хрватскиот, а над 10.000 државјани на РХ го избраа името српско-хрватски или хрватско-српски. Но исто така, право на секоја држава е според официјалното име на својот јазик да се определи во своите темелни документи, како Уставот и да го нарече така како што смета дека е во согласност со волјата на мнозинството на своите граѓани. Заклучно, мислам дека се работи за целосно утната акција, која на ниту еден начин не може да влијае на фактот дека во Република Хрватска официјален јазик е хрватскиот и дека хрватскиот јазик е официјален јазик во Европската унија”.

2 3

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top