| четврток, 6 декември 2018 |

Министерство за финансии: Се манипулира со долгот, реални податоци на нашата веб-страница

Министерството за финансии ја демантира информацијата што ја пренесуваат некои од медиумите од една веб-страница дека долгот на државата надминал 5 милијарди евра. Демантираме и дека податоците кои ги наведуваат се земени од веб-страницата на Министерството за финансии, како што се повикува сајтот. Податоците за јавен долг се јавно достапни на веб-страницата на Министерството за финансии и секој може да ги провери.

Го демантираме и тврдењето кое излезе во некои од медиумите дека Министерството за финансии ја сменило методологијата минатата недела, па затоа има намалување на државниот и на јавниот долг. Министерството за финансии направи усогласување на своите со податоците на Државниот завод за статистика, што е редовна постапка која се прави секоја година, а методологијата на Министерството за објава на јавниот долг е усогласена со ММФ и ЕУРОСТАТ.

Наша оценка е, имајќи некои сознанија за заднината на овој бројчаник на јавен долг, како и формите во кои беше претходно објавуван прво како нечиј блог, па како истражување на МАНУ – кое беше повлечено, сега како нечиј веб-сајт – е дека истиот има политичка заднина. Особено е симптоматично времето кога бројчаникот „одлучи“ долгот да надмине 5 милијарди евра.

Уште еднаш посочуваме дека официјалните податоци за јавен долг согласно методологијата утврдена со ММФ и во согласност со ЕУРОСТАТ се објавени на веб-страницата на Министерството и Министерството стои зад тие податоци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top