| четврток, 6 декември 2018 |

Премиерот Димитриев на конгресот на ЕПП: Членство во ЕУ е нашата стратегиска цел

Премиерот Емил Димитриев посочи дека Македонија докажа дека е лојален партнер на кој може да се потпре Унијата и кога Македонија може да биде еден од столбовите и на браникот на европските интереси, подеднакво важно е да биде и дел од стратешките планови и дел и од семејството на Европската Унија

Конгресот во Малта го отвори претседателот на Европската народна партија Жозеф Дол, а говореше и генералниот секретар на ЕПП Истурих. Тие во своите обраќања се осврнаа на важноста од продолжување на иницијативноста на Европската унија и на јакнење на нејзините капацитети.

-Европската унија се соочува со најголемите предизвици, но и волјата за нивно надминување никогаш не била поголема. Тука е „Брегзит“, мигрантската криза, радикалниот исламизам. Европската унија ќе продолжи со својот активизам – изјави Дол во својот говор пред присутните.

emil-2

Во отворената сесија на обраќања на шефови на влади и на држави се обрати и премиерот на Република Македонија Емил Димитриев. Тој во своето обраќање се осврна на важноста на европските интеграции како стратегиски интерес на Република Македонија, но и улогата на државата во соочувањето со мигрантската криза.

– Во однос на мигрантската криза ние докажавме дека имаме  капацитет и споделуваме европски вредности потврдувајќи ја својата подготвеност  да се биде дел од решението на еден исклучително комплексен проблем. Со ефективна и ефикасна реакција, со успешно менаџирање со границите и  исклучително хуман пристап, демонстриравме активна и проактивна улога директно помагајќи им на нашите пријатели од ЕУ во соочувањето со овој голем хуманитарен,  социјален и безбедносен предизвик, за кој и во следниот период е потребна координирана акција. Ризиците се реални и опасноста не е помината, изјави Димитриев.

emil-5

Премиерот Емил Димитриев посочи дека Македонија  докажа дека е лојален партнер на кој може да се потпре Унијата и кога Македонија може да  биде еден од столбовите и на браникот на европските интереси, подеднакво важно е да биде и дел од  стратегиските планови и дел и од семејството на Европската унија.

-Со ова уште повеќе се  покажува потребата и значајноста за членство на Република Македонија во Европската унија што е наша стратегиска цел како држава, нешто што е од интерес и на нашата земја но и на европското и евроатланстко семејство, нешто што ќе  гарантира безбедност на регионот но и сигурно трасирање на економски и  политички сестран развој – изјави Емил Димитриев.

emil-6

Димитриев посочи дека е потребна одржлива надеж и извесност на европските интеграции на државите од Западен Балкан.

– Европската унија е заедница на вредности и принципи. Затоа на државите им е потребна визија, но и извесност. Потребни се конкретни чекори и дејствување за  целосно остварување на европскиот сон, на кој поднеднакво право има секоја држава во Европа. Членството  во ЕУ останува основен приоритет кон кој се стремиме – изјави Димитриев.

Премиерот Димитриев подвлече дека единствената ориентација на Република Македонија  останува членството во ЕУ и во НАТО.

emil-7

– Во време на премрежија, ние, сепак, продолжуваме со исполнетите обврски на кои гледаме како патоказ за натамошно подигнување на степенот на исполнување на критериумите за членство и унапредување на  квалитетот на живеење на нашите граѓани. Република Македонија е за политика базирана на принципи. Граѓаните се тие што мора да го имаат главниот и последниот збор – изјави премиерот Димитриев.

Тој посочи дека Република Македонија како и досега ќе продолжи проактивно да вложува во унапредување на односите и во градење на мостови на соработка во регионот како и дека приоритет се добрите соседски односи.

-Добриот однос во соседството ќе биде наша заедничка придобивка. Очекуваме  возвратно коректност и почитување на правните рамки и принципи од сите наши  партнери – изјави Димитриев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top