Од септември се очекува да почнат градежните зафати во Универзалната сала т.е. Конгресен центар „Александар Македонски“, кои ќе опфатат целосна реконструкција на постојниот објект и доградба на нови сали, придружни простории и паркиралиште. Градењето ќе трае неколку години, ќе го финансира Владата на РМ преку Министертството за култура, кое веќе има обезбедено средства за активностите во оваа година.
Проектантската куќа ГИМ (Градежен институт Македонија) го работи проектот и тој треба да биде готов во втората половина на мај. По неговото изготвување, Град Скопје на крајот на мај или во јуни ќе распише тендер за градба кој ќе трае 60-ина дена.
– Очекуваме градбата на Конгресниот центар да почне во септември оваа година и да заврши по неколку години. Со тоа, конечно, градот Скопје ќе добие нов конгресен центар кој ќе го задржи постојниот облик на полутопката, а ќе бидат дополнително доградени нови сали кои ќе ги збогатат можностите за одржување манифестации. По неколку години откога не е во функција, веќе се чувствува празнина и потребата за ваков простор за настани. Со својата историја и реноме зад себе Универзалната сала е многу значаен објект од културата во главниот град, рече градоначалникот на Скопје Коце Трајановски на прес-конференција.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска соопшти дека проектот предвидува целосно реконструирање на постојната, централна сала, која се простира на 4.000 квадратни метри и има 1400 седишта. Таа ќе добие нов ентериер, обновен влезен хол и фоаје, нова покривна купола и галериски простор, како и модерна сценска технологија и механика.
На дополнителни 4.000 квадрати сегашниот објект ќе го опкружуваат нови сали – ќе се догради повеќенаменска сала со 200 седишта, конгресна сала со 120 седишта, четири мултимедијални сали со капацитет од 30 до 40 седишта и шест простории за билатерални средби. Ќе се доградат и простории за администрација и други придружни простори, како и паркинг во две нивоа од околу 5.000 метри квадратни.
– Објектот ќе биде функционален, а салите опремени со најсовремена технологија. Овој проект е во програмата на Владата, и Министерството за култура за оваа година има обезбедено средства – и за проектот и за отпочнувањето на изградбата на Конгресниот центар, рече Канческа-Милевска, додавајќи дека изградбата ќе биде повеќегодишна и во фази и дека согласно со динамиката очекува да заврши во најбрз можен рок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.