Неидентификувани напаѓачи го нападнаа конзулатот на Полска во западниот украински град Лутск, при што се оштетени покривот и прозорците, но нема повредени, известија локалните медиуми, кои дополнуваат дека инцидентот се случил околу полноќ.
Полскиот конзул Кшиштоф Савицки изјави дека станува збор за терористички напад и оти граната ја погодила зградата, само неколку сантиметри над станбениот простор.
– Еден маж спиеше во моментот на нападот. Гранатата да ја погодеше зградата само 20 сантиметри подолу, ќе дојдеше до трагедија, појасни тој.
Министерството за надворешни работи на Полска го повика на разговор украинскиот амбасадор во Полска, се наведува во соопштението од полското МНР, дополнувајќи дека нивното претставништво во Киев ќе упати протестна нота до украинското МНР.
Украинската полиција се уште не се огласи по повод овој инцидент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.