2035 година, по глобалната економска криза. Темна ќелија. Курт се обидува да го дофати бедниот оброк оставен од другата страна на безбедносните решетки. Се мачи да дојде до голтка вода што ќе му ја згасне жедта… барем на сувите испукани усни… Очите му се крвави. Ќелијата е темна, влажна… Се појавува Холгарт. Облечен во маслинеста боја, цинично му се смее на Курт. Личат еден на друг. Има две разлики. Холгарт е слободен човек. Но, Курт чека потомство. Нешто што Холгарт го нема. Проработува револтот, љубомората, која се преточува во нечовечно однесување…
Холгарт се вика Дејан Лилиќ. Македонскиот актер, кој иако зад своето име нема запишано многу големи улоги во македонските филмови, има успешна приказна во странските филмови. По руското „Предавство“ со кое ја претстави Македонија на Филмскиот фестивал во Венеција, сега глуми во италијански филм зад кој стои италијанскиот режисер Лоренцо Спортило.
Во филмот насловен како „Индекс нула“ (Index zero), зад кој стои Lionsgate, се појавува и Мето Јовановски. Тој ќе се обиде да им го покаже тајниот излез на Курт и на Ив. Сѐ се случува во време кога нема раси, нема граници, нема поделеност. Борба за преживување.

„Република“ имаше можност еден ден да присуствува на снимањето на новиот филм на кој работи продукцијата КЦБ, продукција на Македонецот Владимир Крстевски, кој во својата биографија има низа успешни филмови за големите странски продукции.
Лоренцо Спортило, актерот од Велика Британија Сајмон Мерелс, кој македонската јавност го знае од улогата на Марк Крас, во Спартак, романската актерка Ана Улуаро и Дејан Лилиќ. Отворени за разговор, расположени за муабет, досетливи, шеги во кои се надополнуваат како да се знаат со години, а не само неколку дена.
– Еј Дејан, допишав нешто за твојот лик. Ќе ти се допадне, ќе видиш, ќе биде изненадување – му рече Спортило на Лилиќ за време на појадокот.
Тој не ја криеше одушевеноста од тоа што го покажал Лилиќ во првите неколку дена од снимањето. Вели, Лилиќ е инспиративен лик, кој секогаш те тера да додадеш нов текст и да го зголемиш бројот на сцени во кои се појавува. Лилиќ, по препорака од Владимир Крстевски, се појавил на изборот на актери. Но, како што вели самиот Лоренцо, не му требало многу за да знае дека тој е вистинскиот. Експресно му ја додели улогата на Холгарт.
Сајмон е на посебен режим на исхрана. За време на појадокот, на кој јадеше само лубеница, раскажуваа за шегите што ги правеле изминатите денови. На удар беше Ана поради нејзиниот страв од пеперуги. Таа беше вознемирена бидејќи претходната вечер, за време на снимањето на една од сцените немала храброст да ги допре лебарките. Иако Лоренцо имаше целосно разбирање за нејзиниот страв, таа беше разочарана сама од себе… По појадокот Сајмон замина во теретана.

Снимањето се одвиваше во камп за илегалци во околината на Софија. Според приказната на Лоренцо, Курт и Ив се родени надвор од границите на Соединетите Европски Држави, што се смета за неприфатливо за циничниот свет по глобалната економска криза. Ив е бремена и со цел да обезбедат подобра иднина за своето дете, се обидуваат да влезат во Европа на нелегален начин. Обидот е неуспешен. Тие се фатени и разделени. Курт, затворен во привремен казнен центар како потенцијално прифатлив. Ив како неприфатлива е сместена во Центар за протерување од европските граници каде што бременоста е прифатлива само во вештачка матка… Курт прави план како да ја спаси Ив. Тие ќе избегаат и ќе се сокријат една ноќ. Но, таа добива болки, Курт ја носи в болница. Но, нема доктор кој знае како да се породи жената во нелегален „традиционален начин“. Премногу е доцна. Ив умира, бебето преживува. Курт е бесен. Почнува револуција за да ги ослободи сите луѓе…
-Мене ми е драго што повторно добив шанса во странски филм, со странска продукција. Не сме само ние што твориме тука. Надвор од Македонија има Македонци што создаваат, работат и со холивудски продукции. Чест ми е и задоволство затоа што секое мое излегување го користам за промовирање на Македонија. Наскоро целата екипа ќе дојде во театарот, сакаат да го видат Скопје во новото издание – вели Лилиќ.
Интервјуата со режисерот, со актерот Сајмон Мерелс и актерката Ана Улуаро можете да ги прочитате во најновот број на неделникот Република.
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Ана Калчева (Бугарија)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Демографска катастрофа ѝ се заканува на Италија, стана втора најстара држава во светот
-
Специјална проекција на филмот „На мапата“ посветен на Тал Броди, кошаркар на „Макаби“
-
„Младешка осаменост“ – хибридниот документарец на Клер Симон во кината низ Македонија
-
Детскиот филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ во кината низ Македонија


