Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и вечерва протестираше во Охрид. Протестот и овој пат почна од плоштадот кај поранешен мини маркет, по што учесниците продефилираа по улицата „Димитар Влахов“ и булеварот „Македонски Просветители“, од каде низ чаршијата се упатија на градскиот плоштад.
– Повторно по 23-ти пат се собравме да дадеме поддршка против тиранската платформа, сосила наметната која демонстративно ја отфрламе. Апелирам до правдољубивниот македонски народ што побројно да даде поддршка и молам секој кој е во можност в понделник да дојде пред Собрание во Скопје, порача во име на учесниците на протестот Никола Нанев.
Виолета Ачковска истакна дека сега е мигот да се избори последната битка за Македонија.
– Се наоѓаме во последниот чин на една драма, која започна со спорот за името, а достигна кулминација 2001 година со наводна борба за човекови права, после со шарената револуција со наводна борба за човекови права и против некаков режим. Во суштина се работи за сценарио во кое треба да се одземе државноста на македонскиот народ, а на крајот Македонија да биде претворена во бегалски камп без Македонци, рече Ачковска.
Според неа, не се работи ниту за некаква борба за човекови права, ниту за демократија, туку за погубно сценарио за федерализација на Македонија и разнебитување на државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.