| четврток, 6 декември 2018 |

Гори Криволак

Пожар избувна во непосредна близина на воениот полигон „Криволак“ и приватното ловиште „Патрик“. Според првичните информации што ги објави Канал 5, добиени од командирот на штипската противпожарна единица Кирчо Патраклиски, се работи за опожарена нискостеблеста шума и суви смреки, кои се на помалку од еден метар растојание до напуштената бетонска патека што води кон А-БЕ-ХА воениот вежбовен комплекс на Криволак.
Штипските пожарникари и екипи на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ и Дирекцијата за заштита и за спасување се на терен.

– Огнот се гаси со голема внимателност и на безбедносно растојание поради стравот пламените јазици да не дојдат до заостанати експлозивни средства и да ги активираат – вели Патраклиски.

Тој е оптимист во прогнозата дека пожарот ќе биде локализиран до крајот на денот, притоа не прецизирајќи за колкава опожарена површина се работи.

Инаку, неготинските пожарникари се подготвени за помош на штипските колеги, но дополнителен проблем им прави тешкооштетениот мост на Вардар. Токму поради тоа, доколку се укаже потреба од интервенција, неготинската противпожарна екипа ќе мора место еден, да помине повеке од 70 километри, правејќи круг од Велес до Штип за да стигне до опожарениот дел од подножјето на Серта, во атарот на Криволак.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top