За Јоханес Хан и неговите слични пријатели, да излеземе 200.000 на улица во понеделник и вторник, за да нѐ видат. Да нѐ видат убаво и да го запомнат денот кога дошле во Македонија. Да запомнат дека граѓаните излегле во црвено-жолта формација бидејќи тие бои ги сакаат и ќе ги бранат. Линијата која нема никој да ја помине, сите ќе ја видат. Без оглед колку се, кои се и од каде се – повикуваат од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
Еврокомесарот Јоханес Хан треба да пристигне во вторник во Скопје.
– Во Македонија постојано доаѓаат емисари / комесари од странство, некогаш од сопствена агенда за која се пратени и платени, бранејќи ги интересите и спроведувајќи ги политиките на оној кој ги испраќа, а некогаш доаѓале на барање на домашни субјекти, барање кое било формално и претходно договорено. Но редовно, кога и да дојделе, една група луѓе едвај чекале нивна негативна изјава за Македонија, за да ликуваат над нашата „ништожност и неважност“, така мислејќи дека ако ја критикуваат сопствената земја неосновано, ќе заличат на некакви евро-надлуѓе кои не припаѓаат во оваа средина полна со „сељачишта и неписмени – пишуваат од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
Споед граѓанската иницијатива, глумејќи лажен космополитизам, лажна борба за некакви права и слободи, лажно граѓанско општество, ваквите луѓе секогаш се позиционирале како верни робови на странските пратеници, а не на интересите на сопствената држава.
– Македонија е не самоволна да се интегрира целосно во ЕУ и НАТО, туку и ги исполнува сите услови за членство. Она што не го исполнува е да се самооткаже од себе како држава, да го промени името и да го уништи идентитетот, за да биде прифатена во заедниците на држави кои поради нивната хипокризија ги тресе и голема внатрешна криза. Што прават тогаш таквите организации? Измислуваат причини па праќаат пратеници да вршат притисок врз институциите во Македонија, да им ја свиткаат кичмата и да ги научат на сервилност. Бидејќи досега збореа само оние сервилните робови кои се радуваат кога некој ќе упати измислена неоснована критика кон нивната земја.
Евро-пратениците и комесарите нека си ја бркаат својата работа, но една работа веќе и на нив треба да им е јасна. Граѓаните овде веќе не молчат. Молкот веќе не е опција, ниту понизноста кон апсурдите на други сили. „Трпе со кубурот за недај-боже“ е наметнат и измислен лик. Доказ за тоа се сите луѓе кои секој ден, три цели недели, излегоа на улица за да си ја зачуваат Македонија каква што ја сакаат.
И од тој пат назад враќање нема.
Ниту еден странски пратеник не може да ја сака Македонија, да и ги знае реалните проблеми и стравови, како и да и мисли добро, како што тоа природно го можат жителите на Македонија, оние со генерации на коски закопани во оваа земја.
Доаѓаат 4 луѓе од западна Европа? Добродошле. Време е да не видат 200.000 на улица, 50.000 пати повеќе од нив 4-ца бирократи. За почеток. Да им посакаме топло добредојде и да им кажеме кој е овде домаќин, а кој е гостин – велат од „За заедничка Македонија“.
На масовност на протестите „За заедничка Македонија“ повика и Дарко Јаневски во својата колумна за Дневник именувана како „Стоилјаден пречек на Хан“.
-Прашањето е во што се состои таа ѓурултија и што е тоа што оваа компанија не го знае и што е тоа од што се плаши? Имено, ако тоа што им се мота по главчињата му го направат на Иванов, не знаат каков одраз ќе има врз народот кој секој ден е на улиците и кој, за разлика од нивните шарени платеници, ова го прави затоа што си ја сака државата, а не за пари и за пратенички места. Една претпоставка им е дека ако отворено го нагазат претседателот, народот може да се уплаши и да се повлече. И тоа им ја топли душата. Арно ама студениот туш доаѓа од другата претпоставка, која вели дека ако отворено го притиснат претседателот, истиот тој народ може да се радикализира. И ако денес излегле 10 или 100 илјади на улиците, утре може да ги има двојно, па и тројно. Па при тој народ, дури и со даден мандат од Иванов, нека повели Заев да составува влада со Села и со Теута Арифи.
Тој понатаму вели дека „така што, без оглед на сѐ, нивната дилема е колку луѓе ќе има на улиците и колку ги има такви што вчера-денес не излегле надвор од разни причини, ама ако им зоврие во главата, а за тоа треба какво било чувство дека странците го нагазуваат Иванов, се подготвени да ја остават правосмукалката, да ја закачат кујнската престилка, да ја викнат бабата да го чува детето и да излезат надвор. И вториот момент што им е загатка е – колку тие луѓе може да издржат. Односно, колку имаат кондиција. Процените очигледно им биле дека за 3-4 дена луѓето ќе се испукаат, ќе се извикаат и после ќе си седнат дома со плеталото в раце гледајќи телевизија. Но, сето ова трае 20-ина дена. Тоа е првото изненадување. Второто изненадување е што во протестите има луѓе како оперскиот пејач Дурловски, да не ги редам сега сите други, на кои тешко можеш да им закачиш некој моронска етикета од стандардната лепеза на странските платеници од домашен производ (ете, пробаа ајваните со Kире Лазаров, па направија само полошо, гледано од нивен аспект). Згора на тоа, кога на Дамовски како контрапункт ќе му истопориш некој како Трифун Kостовски, кој за Македонците одамна важи како досега невиден и нероден интелект од овие простори и кој згора на тоа е еден од симболите за гревовите што македонските партии во овие 25 години му ги сторија на истиот народ кој сега е на улиците, тогаш стратегијата на странците е длабоко заглавена.
Во ваква ситуација нивна надеж е дека луѓето сепак ќе се изморат. Дека како ќе минува времето, така протестите ќе ослабуваат. И затоа се во дилема: ако направат некоја глупост (а да немате дилема дека веќе утре би ја направиле), може самите да ја зголемат масовноста на протестите, а тоа е последно нешто што го сакаат. Од друга страна, ако премногу чекаат, ќе им се разводни работата. Во главите на луѓето с` повеќе ќе се вгнездува чувството дека може да победат и да си ја зачуваат државата во која и Зијадин Села стана некаков фактор, само ако се истрајни, па макар таа истрајност кај некого била и поради инает.
Kако и да е, во овој момент клучниот страв им е од луѓето што се надвор, чие расположение е такво што в понеделник и во вторник, а веројатно и целата наредна недела, ќе ги има како никогаш досега. Kолку да биде забележано и колку да биде домаќински пречекот на господата што ќе се обидуваат да глумат демек не сфаќаат зошто мандат не може да го има тој што има 67 потписи. А одговорот е многу јасен – зашто тоа не се потписи на 67 македонски пратеници, туку тоа се потписи на Еди Рама, кој ниту е македонски државјани ниту учествувал на изборите. Се разбира, на Брисел и на емисарот Хан, во тоа бидете сигурни, ни на крај памет не им паѓа да го осудат мешањето од надвор во внатрешните работи на Македонија, посебно пак не во случајот со Рама е обидот за прекројување на Македонија. Но, ете, и тоа е дел од затворениот круг од кој се обидуваат да најдат излез на сила, со репресија, не само врз политичарите, туку и врз медиумите, со тоа што се надеваат дека „уличарите“ таа репресија нема да ја видат. За да не им газат на жуљ“, пишува тој.
Хан во Скопје пристигнува во вторник, а од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ повикуваат на досега најмасовниот протест, но бараат и средба со Хан за да ги слушне нивните барања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)